Ќе има ли кривична одговорност за екоцидот во Крива река?

Анализи од независна лабораторија ангажирана од Министерството за животна средина ќе покажат дали ќе има кривична одговорност за компанијата Булмак која раководи со рудникот Тораница од каде пред петнаесет дена се излеаја тешки метали, цијаниди и други токсични материи во Крива Река, информираат од Министерството за животна средина.  

- Нашите информации и тие на градоначалникот (на општина Крива Паланка) не се совпаѓаат. Според нашите информации, водата во Крива Паланка се загадила од фекалната канализација а не од цевката од рудникот Тораница која е санирана веднаш и затоа загадената вода не можела за толку брзо време да стигне до градот. Но ќе ги почекаме анализите од независна лабораторија за да знаеме дали ќе има кривична одговорност. - Министерство за животна средина и просторно планирање.

Како што информираат од Државниот инспекторат за животна средина тие веќе одржале средби со Основното Јавно Обвинителство Куманово, СВР Куманово и ОВР Крива Паланка за понатамошно постапување во однос на кривичната постапка. Еколошките здруженија веќе обвинија за хаварија предизвикана од повеќе причини 

- Според информации на свиркач, цевката пукнала поради зголемен обем на работа, не водејќи сметка за стабилноста на објектите како таложници, цевки, јаловишна брана. Надвисува јаловишната брана без дозвола, едниот инспектор на ДИЖС кој вршел увид на терен е бивш вработен на Булмак 2016, а на другиот неговата сопруга работела во фирмата. - Иницијатива О2.

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, вели дека тој поднел кривична пријава до компанијата Булмак по направени независни анализи со кои се утврдило дека концентрацијата на тешки метали, цијаниди и други токсични материи во Крива Река е десетици пати над дозволеното што значи дека  живиот свет и земјоделските површини се во опасност.

Како што веќе извести Државниот инспекторат за животна средина, глобата на Булмак ќе изнесува од 180 000 до 200 000 евра за пукањето на главниот цевковод за јамска отпадна вода која содржела олово, цинк, арсен и други метали по што тие се влеале во Тораничка река.