Општество

Намален бројот на критични пациенти од пожарот

23.03.2025

Шест дена по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, се намалува бројот на критичните пациенти кои се лекуваат во земјава и надвор од државата. Но, како што посочуваат надлежните, борбата не е завршена, таа допрва претстои, почнува ризикот од инфекции и претстои можно влошување на состојбата. Сепак, утре се очекуваат протоколи за враќање во земјата на првите пациенти од странство кои се во добра здравствена состојба што ќе се случи, најверојатно, во втората половина на неделата.

Во земјава моментно се лекуваат 54 пациенти од пожарот, на Клинички центар се 27 пациенти, во ГОБ „8 Септември“ – 11, во Градска општа болница – 10, додека на приватните клиники се лекуваат шест пациенти.

Од 116-те хоспитализирани во странство, 38 се пратени на лекување преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, кој Владата го активирала веднаш по несреќата, а останатите се пратени преку директна билатерална помош. 

Mинистерот за здравство Арбен Таравари по состанокот на Кризниот штаб за состојбата на пациентите, вчера соопшти дека од пациентите кои се лекуваат надвор од државата, се очекува идната недела пет да бидат вратени во земјава. По тријажата која ќе им биде направена, потенцира, ќе се утврди дали ќе бидат задржани на некои од трите болници во Скопје или ќе бидат испратени на домашно лекување. 

 

ПРЕПОРАЧАНО