Бизнис

Ефтимовски: Во голема мерка сме зависни од низа фактори кои се детерминирани од државава од една страна, а од друга страна зависат исклучиво од нас

Метална и електроиндустрија

Економија и бизнис | печатено издание | 15 март 2025г.

Димитар Ефтимовски, член на УО на Здружението на металната индустрија и електроиндустријата, раководител на Сектор за продажба, МЗТ Пумпи

 

По многу нешта сме специфична компанија која производите кои ги нуди се еден вид целина составена од многу компоненти од машинството, од електриката, од електрониката, од хидрауликата, од пневматиката. Тоа нè издвојува како компанија која првенствено се потпира на знаењето, на ентузијазмот, на визијата и на желбата на вработените да се создадат производи кои сами по себе претставуваат производи кои за прв пат го гледаат светлото на денот затоа што произлегуваат од специфичните барања на нашите партнери, а поврзани со нивните инвестициски потреби за одреден временски период и за одреден тип на производ.
На тој начин структурирани, за нас се од исклучителна важност инвестициите на државава, јавните и приватните компании, особено во делот на енергетиката и автомобилската индустрија. Капиталните инвестиции посебно во областа на енергетиката по дефиниција вклучуваат најголем број на компании од различни сектори и тие се двигател на целокупниот раст и развој на сите области во едно општество. Секоја држава со јасна визија за сопствениот развој мора сериозно да внимава, да развива и да инвестира во сопствената енергетска стабилност и независност.
Како компанија од машинската индустрија и согласно нашето портфолио на производи и на услуги, во голема мерка сме зависни од низа фактори кои се детерминирани од државава од една страна, а од друга страна зависат исклучиво од нас. Затоа мораме и ние и државава да работиме во иста насока; државава − затоа што на нејзина територија има индустриски капацитети кои се основата за нејзина стабилност и развој − и фирмите, кои со својот ангажман вработуваат, инвестираат, иновираат и помагаат за вкупниот имиџ на државава.

ПРЕПОРАЧАНО