Битолскиот музеј промовира џиновска сликовница за слепи лица и лица со попреченост
- Националната установа Завод и Музеј-Битола промовира инклузивна едукативна музејска алатка составена од читлив текст и илустрации, со Браево писмо, со тактилни слики, тактилни елементи, QR-кодови и тагови кои што водат до аудио и видео на знаковен јазик.
Битола, 20 декември 2024 (МИА) - Националната установа Завод и Музеј-Битола промовира инклузивна едукативна музејска алатка составена од читлив текст и илустрации, со Браево писмо, со тактилни слики, тактилни елементи, QR-кодови и тагови кои што водат до аудио и видео на знаковен јазик.
На промотивниот настан во Битола, д-р Ирена Ружин, раководител на проекти за пристапност, истакна дека во рамки на инклузивната алатка се сите елементи сврстени во голема корица со која чинат џиновска сликовница „Крилестата дружина во музеј“.
- Текстот е изработен за случајна посета на Музејот од страна на пеперутки кои што се различни, има ноќна пеперутка, молец, скакулец...односно метафоричко претставување на различностите кај децата. Децата во приказната посочуваат дека се различни, а истовремено учат за експонатите во поставката кои во целост се тактилни. Исто така и сите ликови во приказната се тактилни. Доловивме звук, видео на знаковен јазик и стандарден текст, и затоа велиме дека изложбата е мултисензорна, посочи Ружин.
За време на промоцијата во свечената сала на битолскиот Музеј, ученици од градот читаа сегменти од џиновската сликовница „Крилестата дружина во музеј“.мт/са/
Фото: МИА