Интервјуа
ЦЕЛТА Е КЛИЕНТОТ ДА ПОЧУВСТВУВА БРЕНД СО ОРИГИНАЛНИ ДИЗАЈНЕРСКИ СТАВОВИ ЗА СВЕТОТ
Разговор со Ана Бојаџиевска, БИГ СИ (BIG SEE) координатор за Македонија
Економија и бизнис | печатено издание | 15 март 2025г.
Изложена на многу предизвици и непредвидливи фактори, дизајн сцената во Македонија е кревка, но сепак чудесно опстојува и прикажува успеси. Брендовите редовно ги прикажуваат своите креации и иновации, најчесто преку постојните манифестации, фестивали и маркети посветени на дизајнот и на модниот дизајн.
Минатиот месец беше интересен поради два настана во еден, односно по повод роденденот на просторот за продажба на независни креатори Лаб дизајн маркет (кој одбележа еднa година од постоењето), а во организацијата на БИГ СИ Македонија, беа презентирани наградените проекти. На овој настан, како дел од програмата беа презентации на брендовите и изложба на наградени проекти од страна на БИГ СИ (BIG SEE), а тука беа и авторите кои стојат зад нив од Македонија во категорија продукт и моден дизајн од 2018 до 2024 година.
Наградите за производи и за моден дизајн БИГ СИ (BIG SEE) 2025 година ќе се одржат од 9 до 11 октомври годинавa во Љубљана − портата кон Југоисточна Европа, која е препознаена како креативен регион во светски рамки и како идеална сцена за прогресивен дизајн и за визионерски креатори.
Разговарам со Ана Бојаџиевска, БИГ СИ (BIG SEE) координатор за Македонија
Ана, од кога постои организацијата БИГ СИ и кој е фокусот на вашата работа?
БИГ СИ започнува со работа во раните двеилјадити години, како словенечки национален промотор на квалитетна архитектура и дизајн. Домаќин е на два национални настани за награди и конференции, а воедно и го објавува списанието Хише (Hiše − до 2023 година).
До средината на 2010 година се проширува кон Југоисточна Европа под името БИГ СИ (BIG SEE [SEE – South East Europe]) креирајќи платформа за истражување на креативни индустрии од овој регион кој опфаќа 21 држава. Тука се опфатени земјите од Јадранско и Јонско Море, Балканско-медитеранскиот регион и регионот на Дунав, меѓу кои спаѓа и Македонија. Па така, БИГ СИ станува домаќин на два регионални настани за награди и конференции, BIG Architecture и BIG Design , а воедно е и автор на списанието СИ (SEE − од мај 2024 година).
Од кога постои БИГ СИ (BIG SEE) Македонија, како настана соработката и дали вашиот фокус се разликува од тој оригиналниот на Љубљана?
БИГ СИ (BIG SEE) Македонија како портал спаѓа под БИГ СИ (BIG SEE) и постои од 2022 година, а посветен е на презентација на македонски автори и проекти од областа на дизајнот и на архитектурата. Соработката со БИГ СИ (BIG SEE) започна во 2023 година, за време на моите студии во Љубљана, при посета на настанот BIG Architecture кога и бев назначена за БИГ СИ (BIG SEE) координатор за Македонија. Фокус на координаторите од секоја држава е промоција на архитектурата и на дизајнот од својата држава преку социјални медиуми и преку настани кои се случуваат од оваа област и досега броиме 11 координатори од вкупно 21 држава.
Кои брендови од кај нас сте ги презентирале досега?
На настанот организиран по повод првиот роденден на Лаб дизајн маркет, дел од програмата беа и презентации и изложба на наградени проекти од страна на БИГ СИ (BIG SEE) и авторите кои стојат зад нив од Македонија во категорија продукт и моден дизајн од 2018 до 2024 година. На настанот преку презентации и со експонати учествуваа: Марија Милошевска, Драган Христов, Теодора Митровска, Катерина Трпковска, Марта Наумовска Грнарова, Деа Беатовиќ, Евгенија Зафировска, Росица Мршиќ и Македонската модна асоцијација.
Кои се вашите следни активности?
Оваа пролет ни претстои настанот BIG Architecture кој ќе се одржи на 22 и 23 мај во Порторож, Словенија, каде што главниот фокус се презентации на наградени проекти во категорија архитектура и ентериери од целиот регион, како и низа предавања, дебати, конференции, изложби и промоција на млади архитекти, каде што сите креативци и љубители на добра архитектура и дизајн се добредојдени.
Во октомври минатата година, Лаб дизајн маркет беше дел од фестивалот BIG Design кој се одржа во Љубљана, Словенија, каде што неколку македонски дизајнери и занаетчии имаа можност да ги претстават своите дизајни пред поширока публика. Оваа година, по повод првиот роденден на Лаб дизајн маркет, добивме покана за учество како дел од нивната програма која ја збогативме со презентации и изложба на BIG SEE winners.
Разговараше: Лидија Георгиева