Технички факултет-Битола одржа Саем за вработување, практиканство и стипендии
- Битолскиот Технички факултет одржа Саем за вработување, практиканство и стипендии, на кој со свои штандови се претставија 25 фирми од градот и регионот.

Битола, 2 април 2025 (МИА) - Битолскиот Технички факултет одржа Саем за вработување, практиканство и стипендии, на кој со свои штандови се претставија 25 фирми од градот и регионот.
Според ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, Игор Неделковски, саемот е можност за поврзување меѓу бизнисот и академската заедница.
-Овој Саем е потврда дека фирмите од регионот, студенти и средношколци, во Техничкиот факултет гледаат партнер. Фирмите во Техничкиот факултет гледаат институција од каде што може да регрутираат кадар, а студентите потврдуваат дека имаат намера веднаш да се вработат. Но исто така важно е да се посочи дека присуствувото на средношколците потврдува дека голем број на млади од регионот гледаат иднина на Техничкиот факултет, посочи ректорот Неделковски.
Саем за вработување, практиканство и стипендии се организира трета година по ред и директно придонесува за зголемување на бројот на запишани студенти, изјави деканот на Технички факултет во Битола, Митко Костов.
-Саемот за практиканство и стипендии е корисен за компаниите, за факултетот и секако за студентите и средношколците. Компаниите го претставуваат своето портфолио, а факултетот произведува кадри кои ќе ги воведат новите технологии за пооптимизирано производство и поквалитетен производ. Техничкиот факултет има одговорност за трансфер на знаења но и да ги усогласи своите програми за потребите на стопанството и пазарот на трудот. Ние токму тоа го правиме. На овој Саем од права рака студентите и средношколците се информираат и запознаваат со работодавците, а ние на нивно барање обезбедуваме и стипендии за најдобрите, истакна деканот Костов.
Техничкиот факултет при УКЛО-Битола минатата година го зголеми бројот на запишани студенти за 30 насто, а годинава очекуваат пораст на бројот на запишани студенти бруцоши. мт/лв/
Фото: МИА