• Саше Љолес

Лисандро Мартинез доживеа хорор-повреда на натпреварот помеѓу Манчестер Јунајтед и Кристал Палас. Аргентинскиот дефанзивец падна како покосен на теренот во 77. минута и мораше да биде изнесен на носилки од теренот.
Се чини дека станува збор за кинење на вкрстените лигаменти, повреда која сигурно ќе го оддалечи од фудбалот во следните шест до девет месеци.
Болниот израз на лицето и солзите на дефанзивецот доволно говореа за болката што ја чувствува, а навивачите на „Олд Трафорд“ го поздравија со громогласен аплауз и стоечки овации.
Дополнителните прегледи ќе дадат појасна слика за повредата, но според она што првично беше видено, јасно е дека за Аргентинецот следува долга пауза.