Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) се изјаснила дека се повлекува од изборната коалиција „Алијаса за величествена Албанија“ предводена од опозициската Демократска партија на Сали Бериша. Според потпретседателот на партијата, Ендрит Фетаху, не бил испочитуван договорот во рамките на коалицијата.
-Доставивме барање до Централната изборна комисија да не избрише од коалицијата. Тоа од причина што не беше испочитуван договорот наши претставници да бидат на отворените кандидатски листи. Наша цел не е бидеме само декор во некоја коалиција, туку силен политички субјект кој ќе има свој претставник во новиот албански законодавен дом, информирал Фетаху во изјава за МИА.
Според него имаат интензивни преговори со друг политички субјект, со кој треба да се обезбеди застапеност на кандидати на МАЕИ во отворените кандидатски листи, но сакаше да открие за кој политички субјект станува збор.
Васил Стерјовски, претседателот на партијата, претходно информира дека поднеле барање до Централната изборна комисија, со потребната документација, да бидат пријавени за учество на парламентарните избори во Албанија.
МАЕИ е запишана како политички субјект во судскиот регистар на 8 јуни 2005 година. Првпат учествуваше на локалните избори во 2007 година и оттогаш е редовен дел од секој изборен циклус.
Во Албанија на 11 мај ќе се одржат 11-ти парламентарни избори на кои за прв пат ќе гласа и албанската дијаспора. На последните парламентарни избори МАЕИ беше во коалиција со актуелната владејачка Социјалистика партија на Еди Рама.
©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.