13 македонски винарници ќе се претстават на најпознатиот меѓународен саем за вино и жестоки пијалаци „ProWein 2025, кој ќе се одржи од 16 до 18 март во Дизелдорф, Германија.
Под слоганот “Откриј го вкусот на утрешнината” годинава на најважниот настан од индустријата за вина и пијалоци своите производи ќе ги претстават изложувачи од над 60 земји од светот.
На годинешното издание на „ProWein2025“ ќе учествуваат македонските винарници: „Тиквеш“, „Камник“, „Венец“, „Мовино“, „Имако вино“, „Попов“, „Стоби“, „Сопот“, “Јованов Груп” „Лазар“, “Езимит вино”, “Монтеко”, “Вардарска долина” кои своите производи ќе ги претстават во Халата 9.
Овој настан е важен за сите винарници кои се стремат кон глобално присуство на своите производи, но и место каде што се претставуваат новитетите и последните трендови во индустријата. Присуството на македонските винарници е значајно за позиционирањето на земјата и на поединечните брендови на меѓународно ниво
Учеството на овој саем е од исклучително значење за македонските винарници бидејќи посетителите на саемот се вински експерти, сомелиери, вински ентузијасти и лица со одлучувачка моќ во компаниите од кои доаѓаат. Тоа овозможува директен контакт на учесниците со релевантни купувачи од целиот свет.
И оваа година учеството на саемот се реализира со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое во целост го покрива заедничкиот штанд на македонските винарници.
Извор: ProWein