• Саше Љолес

Одамна е познато дека тенисот привлекува огромно внимание и дека во овој спорт се „вртат“ големи финансиски средства, па затоа веројатно не треба да бидат чудни новите промени кои се најавуваат на големите турнири, а меѓу нив е и американскиот Грен-Слем, УС Опен.
Имено, организаторите решија од оваа година турнирот да трае еден ден повеќе, односно да започне ден порано од предвиденото. Официјалната причина е дека има многу мечеви во првото коло и оваа програма треба да биде поделена на вкупно три дена, но тоа автоматски значи и повеќе пари од ТВ-правата, како и повеќе средства од продадени влезници.
Американскиот Слем се придружува на Ролан Гарос и Австралија Опен, кои веќе го повлекоа овој потег, а единствен голем турнир кој остана „имун“ на овие промени е англискиот Вимблдон.
Ова значи дека турнирот ќе започне во недела, наместо во понеделник, а публиката ќе може да ги следи мечевите од воведното коло во текот на три играчки денови. Организаторите на УС Опен најавија дека овогодинешното издание ќе трае од 24 август до 7 септември, за кога е закажано и големото финале во машка сингл-конкуренција. Актуелен освојувач на трофејот е Карлос Алкараз.