Остар пад на европските берзи по објавата на американските реципрочни царини

Европските берзи остро паднаа во четвртокот претпладнето поради ескалацијата на трговската војна, откако американскиот претседател Доналд Трамп објави повисоки од очекуваните царини за увозот.

Глобалните берзи беа потресени од вчерашната одлука на Трамп да воведе реципрочни царини повисоки од очекуваните. Така, од 5 април ќе се воведува царина од 10 отсто за речиси целиот увоз во САД, а дополнителни царини ќе се применуваат и за увозот од земјите со кои САД имаат најголем трговски дефицит.

На увозот од Кина кој веќе се царини со 20 отсто, во иднина ќе се применуваат дополнителни царини од 34 проценти, на увозот од Јапонија 24 отсто, од Европската унија за 20 отсто, од Велика Британија за 10 отсто…

Бидејќи многу земји, вклучително Кина и ЕУ, најавија противмерки, инвеститорите стравуаат од ескалација на трговската војна, што би можело да предизвика раст на инфлацијата и забавување на растот на најголемите свески економии, па и рецесија.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше во минус од 1,8 отсто во првиот претпладнеен пресек од тргувањето

Поради тоа, цените на акциите во сите сектори од утрово паѓаат на европските берзи, особено во рударството, за повеќе од 3 отсто. Остро паднаа и цените на акциите во автомобилскиот сектор, за повеќе од 2 отсто, бидејќи од денеска се наплаќа царина од 25 отсто за увоз на автомобили во САД.

Цените на акциите драстично паѓаат и на азиските берзи. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции беше намален за повеќе од 1 отсто во истиот пердиот од тргувањето како и во Европа. Јапонскиот индекс Nikkei потона околу 2,7 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Австралија, Јужна Кореја и Хонгконг паднаа меѓу 0,3 и 1,4 отсто.

На Волстрит попладнево по европско време се очекува и остар пад на цените на акциите. Во моментов, индексот на фјучерси Dow Jones е намален за речиси 2 отсто, S&P 500 е во минус за околу 2,7 отсто, а Nasdaq за околу 3,2 отсто.