Семејствата на жртвите oд модуларната болница повикаа да се обнови истрагата, а германското вештачење да биде клучен доказ
Семејствата на загинатите во ковид-болницата во Тетово го повикаа обвинителството да ја обнови истрагата, но за вистинските виновници за пожарот. Посочија дека постојат сериозни докази за пропусти при изградбата на модуларната, кои не биле земени во предвид во досегашните судски постапки, а се основните причини за катастрофалниот пожар.
Пред тетовскиот основен суд истакнаа дека се приклучуваат кон јавното писмо од Иницијатива Нула - поднесено до јавниот обвинител Љупчо Коцевски.
„Време е некој да преземе одговорност. Време е правдата да излезе од фиока. Како семејства на загинатите, бараме од Вас: Да формирате независен тим кој ќе ги испита сите аспекти на случајот, вклучително и евентуалното одолговлекување на постапката. Да гарантирате дека судската постапка ќе се води без политичко-бизнис влијание. Да обезбедите транспарентност и отчетност во Вашата работа, во согласност со законските обврски. Да го земете германското вештачење како клучен доказ во истрагата. Ние нема да молчиме. Ќе продолжиме да зборуваме за нашите најблиски кои ги изгубивме, за вистината, за правдата која е ветена, но никогаш донесена“, истакна Агрон Арифи, преставник на семејствата на жртвит,
Во рамки на повторното судење за пожарот во модуларната денеска во тетовскиот суд продолжи читањето на доказната постапка. Беа испрашувани експерти од МВР и Електротехничкиот и Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ. Се приложија и писмени докази на одбраната.
Во досегашната судска постапка за катастрофалниот пожар првично беа обвинети директорите на тетовската болница Флорим Бесими и Артан Етеми за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, И двајцата добија условна затворска казна. Апелација незадоволна од пресудата лани го врати предметот на повторно судење, поради како што соопштија - невнимателно утврдени факти во пресудата.
Апелација во пресудата информира дека Тетовскиот суд „не постапил со должно внимание за да биде во можност со сигурност да ги утврди сите правно-релевантни факти“.