Некој праша: „Зошто некои Британци не го сакаат Доналд Трамп?“Нејт Вајт, артикулиран и духовит писател од Англија, го напиша овој прекрасен одговор:
Неколку работи ми доаѓаат на ум. На Трамп му недостасуваат одредени квалитети кои Британците традиционално ги ценат. На пример, тој нема класа, нема шарм, нема смиреност, нема кредибилитет, нема сочуство, нема духовитост, нема топлина, нема мудрост, нема суптилност, нема чувствителност, нема самосвест, нема понизност, нема чест и нема милост – сите квалитети, смешно, со кои неговиот претходник господинот Обама беше великодушно благословен. Така за нас, силниот контраст ги разоткрива ограничувањата на Трамп.
Плус, сакаме да се смееме. И иако Трамп може да биде смешен, тој никогаш не кажал нешто шегаџиско, духовито или дури и малко забавно – ниту еднаш, никогаш. Не го велам тоа реторички, го мислам сосема буквално: ниту еднаш, никогаш. А тој факт е особено вознемирувачки за британската чувствителност– за нас, да немаш хумор е речиси нечовечко. Но, со Трамп, тоа е факт. Се чини дека тој дури и не разбира што е шега – неговата идеја за шега е груб коментар, неписмена навреда, лежерен чин на суровост.
Трамп е трол. И како и сите тролови, тој никогаш не е смешен и никогаш не се смее, тој само галами или се потсмева. И што е страшно, тој не зборува само со груби, недоветени навреди – тој всушност размислува во нив. Неговиот ум е едноставен алгоритам сличен на бот на ситни предрасуди и автоматска непристојност.
Никогаш нема некаков подслој на иронија, комплексност, нијанса или длабочина. Сé е површно. Некои Американци можеби го гледаат ова како освежувачка искреност. Па, ние не. Ние го гледаме како да нема внатрешен свет, како да нема душа. А во Британија, ние традиционално сме на страната на Давид, не на Голијат. Сите наши херои се храбри аутсајдери: Робин Худ, Дик Витингтон, Оливет Твист. Трамп не е ниту храбар, ниту аутсајдер. Тој е токму спротивното од тоа. Тој не е ниту разгалено богато момче, ниту алчна дебела мачка. Тој е повеќе дебел бел никаквец. Џаба Хатот на привилегијата.
И уште полошо, тој е најнепростлив од сите работи за Британците: силеџија. Односно, освен кога е меѓу други силеџии, тогаш тој одеднаш се трансформира во разлигавен потрчко. Постојат неискажани правила за овие работи – правилата на Квинсбери за основна пристојност – а тој ги прекршува сите. Тој удира надолу – што еден џентлмен никогаш не би смеел, не би требало да го прави – и секој удар што го упатува е под појасот. Тој особено сака да ги удира ранливите или безгласните – и тој ги удира кога се на дното.
Значи, фактот што значајно малцинство – можеби третина – од Американците гледаат што прави, слушаат што зборува, а потоа си мислат „Да, тој изгледа како мој тип на човек“ претставува одредена збунетост и не така мала вознемиреност кај Британците, со оглед дека:
-Американците треба да се пољубезни од нас, а најчесто се.
-Не ви треба особено остро око за детали за да забележите неколку недостатоци кај човекот.
Оваа последната точка е она што особено ги збунува и вчудовидува Британците и многу другу луѓе; неговите недостатоци изгледаат прилично тешко да се пропуштат. Сепак, невозможно е да се прочита еден негов твит, или да се слушне како изговара реченица или две, без да се загледаш длабоко во бездната. Тој го претвора да се биде без уметност во уметничка форма, тој е Пикасо на ситничарството, Шекспир на срањата. Неговите мани се фрактални, дури и неговите мани имаат свои мани, и така натаму до бесконечност. Бог знае дека отсекогаш имало глупави луѓе во светот, а исто така и многу злобни луѓе. Но, ретко кога глупоста била толку злобна, или злобата толку глупава. Тој прави Никсон да изгледа доверлив, а Џорџ В. да изгледа паметен. Всушност, ако Френкенштајн реши да направи чудовиште составено целосно од човечки мани – би го направил Трамп.
И тогаш покајниот доктор Франкенштајн би откинал големи купчиња коса и би извикал во мака: „Боже мој…што…создадов…јас?“ Ако бидувањето гад беше ТВ-шоу, Трамп ќе беше целата серија епизоди“.
Од Фејсбук објава на The Bitchy Pundit.
Подготви: М. Д.
Превод: Н. Цветковска