• Иван Димовски

Младиот македонски кошаркар Никола Костов (15) изминатите неколку дена настапуваше на силен турнир на Европската младинска кошаркарска лига (EYBL) во Букурешт, во категорија на играчи до 16 години. Костов беше единствен претставник од Македонија на овој силен турнир, каде настапуваше на покана на Budapest Prep Academy, мешана екипа составена од надежни и талентирани играчи од кошаркарски клубови од цела Европа. Поканата да биде дел од овој силен турнир е потврда дека и европските кошаркарски експерти ја препознаваат неговата добра игра, талентот и постигнатите резултати на домашен и на европски терен.
Турнирот во Букурешт се организира по форматот на популарната кошаркарска сениорска Евролигаи таму настапуваат најдобрите младински екипи од цела Европа. Никола Костов во романскиот град настапуваше со свои врсници, талентирани млади кошаркари од клубови од Италија, Романија, Англија и други земји и успеа да блесне, освојувајќи ја наградата најкорисен играч (MVP) на својата екипа. Поради прикажаната игра, Костов доби и повик да учествува воголемото финале што ќе се игра на крајот на сезоната во Рига, Латвија.
Костов е член на најтрофејниот кошаркарски клуб во младински категории во Македонија, „Водно Санс“, каде настапува во две селекции (кадети и јуниори)со својот една година постар брат, Матеј Костов и се државни шампиони на Македонија во изминатите неколку сезони во кадетска категорија. Младиот Костов беше избран и за најталентиран спортист на општина Карпош за 2023/2024 година, а со училишната екипа освои прво место на државното првенство во училишната лига.