Патници бегаат преку крилата на авионот: Драматична снимка откако се запали мотор на Боинг

Млазен мотор на Американ ерлајнс се запалил откако авионот принудно слетал во Денвер, принудувајќи ги патниците да се евакуираат користејќи тобогани, соопшти Федералната управа за авијација (ФАА).

Авиокомпанијата потврди дека сите 172 патници и шесте членови на екипажот можеле безбедно да го напуштат авионот, иако шест патници потоа биле пренесени во локалната болница за дополнителни проверки.

Најавена е истрага за инцидентот

Летот 1006 на Американ Ерлајнс од Колорадо Спрингс до Далас, кој превезуваше патници во Боинг 737-800, слета во Денвер откако екипажот се пожали на вибрации на моторот, соопшти ФАА. На социјалните мрежи е објавена драматична снимка на која се гледаат патници како стојат на крилото на авионот пред евакуација, додека од моторот излегува густ чад.

Американ ерлајнс соопшти дека авионот слетал безбедно и пристигнал на аеродромот, но потоа доживеал „проблем со моторот“. Според веб-страницата за следење летови FlightRadar24, 13-годишниот авион бил опремен со два мотори CFM56, произведени во соработка помеѓу GE и Safran.

ФАА најави истрага за инцидентот. Портпаролот на меѓународниот аеродром во Денвер потврди дека пожарот е изгаснат и дека летовите продолжиле без прекин. Боинг одби да го коментира инцидентот и ги префрли сите прашања до Американ ерлајнс и истражителите. GE сè уште не одговорил на барањето за коментар.

Овој инцидент е само еден во низата неодамнешни проблеми во американската воздухопловна индустрија кои ја доведоа во прашање безбедноста на воздушниот сообраќај. Меѓу нив е и судирот на регионалниот авион на Американ ерлајнс со воен хеликоптер на 29 јануари, при што загинаа 67 лица.

Минатиот месец регионален авион на Delta Air Lines се преврте на покривот при слетување на аеродромот во Торонто при силни ветришта по снежна бура, при што беа повредени 18 од 80 патници, но сите преживеаја.

Извршниот директор на „Американ ерлајнс“, Роберт Исом и извршниот директор на „Делта ерлајнс“, Ед Бастијан во вторникот изјавија дека неодамнешните авионски инциденти, заедно со тешките временски услови и економската несигурност, негативно влијаеле на побарувачката за патувања во Соединетите држави.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното