ЈО за малолетниците „уценувачи“: Известен Центарот за социјални работи и предложено згрижување во воспитна установа.
Девојче кое нема ниту 14 години сексуално задоволувало неколку машки деца, малку повозрасни од него. Некој од нив направил и снимка, па потоа го уценувале девојчето. Бизарната случка се случила во Велес, а снимката се испраќа преку социјалните мрежи, па многу нивни врсници веќе ја имаат. Настанот, кој се случил во близина на Градскиот пазар во Велес, го потврди и Јавното обвинителство, од каде што велат дека веќе се преземени дејства.
„Основното јавно обвинителство Велес е известено и веќе презема дејствија во предметот. За пријавено малолетно лице кое е под возраста која дозволува да биде кривично одговорно, известен е Центарот за социјални работи за да преземе соодветни дејствија. За пријавен малолетник кој е на возраст од 14 години, пак, поднесено е барање за подготвителна постапка според Законот за правда за децата и до судијата за деца во Основниот суд Велес предложена е мерка - згрижување во воспитна установа. Се работи на обезбедување на сите докази, а обвинителството и надлежните служби преземаат дејствија и за целосно испитување на настанот.“
Во исто време, сличен настан ја потресе и Битола. И таму двајца малолетници во неколку наврати со закана принудувале две малолетни девојчиња на секс, заканувајќи им се дека поседуваат видеоматеријал од нив. Случајот во полиција го пријавила 37-годишна битолчанка, мајка на едно од девојчињата. Од СВР Битола велат дека во консултација со јавен обвинител се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Граѓаните се вознемирени од настанот. Иако никој не сака да зборува пред камера, зад неа велат - ова што се случува во земјава е премногу, а главни виновници гледаат во родителите, за кои коментираат дека ги испуштаат своите деца во воспитувањето. Социолозите се загрижени за иднината на младите кои созреваат во вакво опкружување. Коментираат дека ваквите девијантни појави се случуваат бидејќи на децата од најмала возраст им е достапно се што на интернет може да се најде, а родителите немаат време да разговараат со нив и да ги научат на вистинските морални вредности, оти само одењето на училиште не е доволно за правилен развој на една млада личност.
Пред три години, Велес го потресе уште еден случај, во кој повеќе млади беа обвинети, а подоцна и осудени на затворски казни за полови дејства со дете, кои вклучувале сексуални активности, сексуална експлоатација и порнографија.