Обвинувања за злоупотреба на позиција и поврзаност со газдата на дискотеката „Пулс“: Што се случува со брачниот пар Митеви во Кочани?
Новинарот Зоран Божиновски на својот профил на Фејсбук објави тврдења кои фрлаат сенка врз работата на полициски службеници во Кочани – конкретно брачниот пар Даниел и Валентина Митеви, кои, според дописник од градот, наводно биле поврзани со локални угостителски објекти како дискотеката „Пулс“ и злоупотребувале службени позиции.
Во објавата се наведува дека Даниел Митев, познат во Кочани како „Дени Глобус“, повеќе од 20 години работи во Полициската станица Кочани без конкретно определено работно место, и дека пред неколку месеци неговата сопруга Валентина Митева била вработена како висок инспектор – иако, како што се тврди, без соодветно образование за таква функција.
Најсериозните обвинувања се однесуваат на наводна соработка со сопственикот на познатите локални објекти „Класик кафе“ и дискотеката „Пулс“. Според дописот, Митеви наводно не плаќале сметки за вечери и пијалоци, ги пријавувале вечерните излегувања како службени активности и пријавувале прекувремени часови. Во замена, се тврди дека го известувале сопственикот на објектите за евентуални полициски рации.
„Кога не можеле да реагираат директно, имале договор со сопственикот – ако не се појават до 23:30 часот, тоа било знак дека најверојатно ќе има рација по полноќ“, стои во пораката објавена од Божиновски.
Исто така, во јавноста кружат фотографии од отворањето на летната сезона во дискотеката „Пулс“ каде што Даниел Митев, според тврдењата, стои на бината со обезбедувањето и јавно уверува дека „додека тој е тука, нема да има проблеми“. Во неколку наврати, според истиот извор, преку микрофон барал од гостите да му ја ослободат колата, која секогаш била паркирана на влезот од дискотеката.

Објавата предизвика силни реакции на социјалните мрежи, а јавноста бара одговори – која е улогата на брачниот пар Митеви во локалната полиција, дали навистина постои злоупотреба на службената положба, и дали има институционална заштита на угостителски објекти?

Засега нема официјален став од Министерството за внатрешни работи ниту од Полициската станица Кочани, но случајот го привлекува вниманието и отвора низа прашања околу интегритетот и транспарентноста во работењето на безбедносните структури на локално ниво.
Дали институциите ќе го истражат случајот или ќе продолжи молкот – останува да се види.
Целата објава на Фејсбук на Зоран Божиновски во продолжение: