Со пораки испишани на транспаренти, група еко активисти излезе пред министерството за животна средина со барања да престане молкот на надлежните и јавноста конечно да дознае колкаво е загадувањето на Крива река и кои се последиците по здравјето на луѓето. Затаиле, велат и надлежните во сите одговорни институции.
-Не за џабе на грбот на Македонија водите стојат сини, а не сиви и требаше тоа да го одржиме. Ако нашите родители и нашите баби и дедовци можеле слободно да се капат во сите овие реки па дури и да си ги перат алиштата во нив, денес ние не можеме ниту да им се приближиме, вели Ива Петровска од Зелен хуман град.
-Должен е инспекторатот да ни даде информации што е можно побрзо и кратко би апелирал до сите Влади да ги тргнат рацете од животната средина бидејќи тоа е нешто најсветото што граѓаните го заслужуваат и по устав имаат право на здрав живот.Ги замолуваме бизнис интересите да ги тргнат од здравјето на граѓаните, вели Дејан Димитровски Зелените од Гази Баба.
Од иницијативата о2 велат дека и инспекцискиот совет потврдил дека инспекторите кои биле утрото по инцидентот во Тораница не зеле мостри. Побарале и да испита и јаловишната брана,која според нивните информации немала одобренија и претставувала висок ризик.
„Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини одговори веднаш дека ќе постапат по претставката и ќе нè известат. Дали ќе следи дисциплинска или ќе има друга одговорност, ќе следиме како ќе се постапи и кој ќе биде исходот“, велат од о2.
Од државниот инспекторат за Телма велат дека пред два дена им испратиле одговори на барањата еко акттивистите,но онолку колку што можат со оглед дека во тек е истрага.
-Дебарско езеро речиси целото пресуши, а токму таму се наоѓа и хидроелектраната Шпиље. Со изградба на хидроелектрани дополнително ги злоупотребуваме чистата вода и водните еко системи. Овие денови можевме да прочитаме и за помор во Дојранското езеро, а веќе наредниот ден градоначалникот на Дојран демантираше дека станува збор за еколошки инцдент . Угинатите риби според него биле резултат на мрестење, вели Ивана Дракулевска од Зелен хуман град.
-Ако сакаш да влезеш во Вардар мора да имаш примено вакцина за Тетанус. Сакам да прашам како Вардар ја краси Македонија кога сега имаме дополнително загадување и на Крива река која се влева во Пчиња која е заштитена и чиста во Србија, а истата се влева во Вардар. До кога ќе си играме мајтап со реките, вели Ива Петровска од Зелен хуман град.
Од протестот пред Министерството за животна средина еко-активистите побараа брзи одговори од надлежните за загадувањето на Крива река. На 14-ти март во рудникот Тораница пукна цевка од која како што тврдеа од фирмата истекла техничка вода.
Градоначалникот обвини дека Крива река е загадена со цијанид и олово токму од рудникот.
Симона Петровска