Ангела Јовановиќ, е млада земјоделка од Тиквешијата, која има богата семејна традиција во одгледување на винова лоза и грозје. Таа веќе неколку години работи на развој на својот бренд Неготински маџун, но и на враќање на овој традиционален, но малку подзабораен производ на нашиот пазар и на нашите трпези.
Јовановиќ смета дека придобивките од консумацијата на маџун се огромни, бидејќи е и храна, но и лек, со состав многу близок на медот. Таа вели дека целта и е да покаже дека традиционалните производи, присутни во нашите краишта со векови, можат да бидат и модерни и достапни за секого.
Колку е познат на пазарот маџунот и дали се знаат вистинските придобивки за здравјето, какво е Вашето искуство?
Маџунот е добро познат во традиционалната исхрана, но не е доволно позната неговата вистинска вредност како здравствено корисен производ, односно неговите придобивки за здравјето. Луѓето често го поврзуваат со старите генерации, но неговите придобивки сè повеќе се препознаваат и кај младите, особено кај оние што бараат природни алтернативи за шеќер. Така, маџунот сега се користи и за засладување на чај, млеко, мусли или пак како прелив на торти, сладоледи и колачи. Овој производ е една вистинска ризница на хранливи состојки, а секојдневната конзумација на две до три лажички придонесува за подобрување на целокупно здравје.
Кои се состојките на маџунот што го прават толку добар за здравјето?
Маџунот е хранлив како мајчиното млеко. Богат е со природни антиоксиданси, железо и минерали, што го прави одличен за имунитетот, анемијата и енергијата. Помага во варењето и детоксикацијата на телото. Неговата структура на шеќери е идентична како кај пчелиниот мед, од кои 50 отсто е гликоза (гроздов шеќер) и 50 отсто е фруктоза (овошен шеќер). Богат е и со минерали како калиум, натриум, калциум, фосфор, железо, витамини Б1, Б2, Б3, Б6, Ц, А, Д, енергетски супстанци, танини, флавоноиди, антиоксиданси, и органски киселини, винска, јаболкова, лимонска.
Придобивките од маџунот се бројни. Тој се смета за лек за регенерација на црниот дроб, го зајакнува имуниетот кај децата и возрасните, ја зајакнува крвта, го намалува холестеролот, има антиоксидативно својство, помага при настинки и инфекции, ги прочистува токсините од телото, го регулира крвниот притисок, а може да се користи и како лек за жолтица, цироза, алкохолизам, за болести на кардиваскуларниот систем, помага при варењето на храната во организмот и ги ублажува симптомите на надуеност.
Дали има интерес од младите за традиционални производи или повеќе се ориентирани кон модерни алтернативи? Што тебе лично те мотивираше да започнеш со производство на маџун, во едно ново време, со сосема нови трендови во исхраната?
Младите генерално се ориентирани кон модерни алтернативи, но сè поголем е трендот на враќање кон природните и традиционални, домашни производи, па го прифаќаат како дел од нивната исхрана. Што повеќе се дознава за неговата хранливост и придобивки за здравјето, сè повеќе и расте неговата побарувачка.
Во мојата лична приказна, најголем мотив да почнам со производство на маџун беше вклученоста во работата на лозовите насади на моето семејството и соочувањето со ниските откупни цени на грозјето. Тоа е причината да започнам да креирам свои иновативни идеи кои ќе ги вклопам како додадена вредност во земјоделството. Сакав да го вратам маџунот во секојдневната исхрана бидејќи беше малку заборавен и да покажам дека традиционалните производи можат да бидат модерни и достапни за секого.


Дали има доволно квалитетна суровина и количини за призводство на маџун, колку тоа е фактор кој влијае на развојот и какви се состојбите во лозарството?
Квалитетна суровина за производство на маџун сè уште има, но лозарството се наоѓа во криза. Сè помалку луѓе се занимаваат со одгледување на лозја, бидејќи пласманот е несигурен, а вложувањата се големи. Многу лозови насади се напуштаат, а со тоа се губи и една важна гранка од нашето земјоделство. Ова директно влијае и на производството на маџун, бидејќи без квалитетно грозје, тешко е да се одржи континуитет и висок стандард на производот.
Дали користиш традиционални методи или ги адаптираш на модерен начин и колку е тешко да се одржи автентичноста на рецептот, особено во денешно време?
Го почитувам традиционалниот начин на производство, но го адаптирам со модерни техники за да обезбедам конзистентен квалитет и подобра продуктивност. Автентичноста е важна, но исто така е важно да се биде конкурентен на пазарот.
Што е најголемиот предизвик за мали производители кога сакаат да растат и да иновираат и кои се твоите препораки, со цел младите да се свртат повеќе кон земјоделството и производството на храна?
Најголемиот предизвик е пристапот до пазарот и финансиите за развој. Младите треба да гледаат на земјоделството и производството како на бизнис со потенцијал, а не како на старомодна индустрија. Инвестициите во опрема се неопходни за раст и развој. Рачното производство има своја вредност, но за да се обезбеди конзистентност и поголеми количини, мора да се применува модерна технологија.

Дали бараш поддршка од државни фондови, програми за мали производители и колку се достапни тие? Колку е отворен пазарот за малите производители?
Се обидувам да ги искористам достапните можности, но постојат административни предизвици и не се многу достапни. Пазарот за малите производители е сè уште предизвик особено за административните процедури. Поедноставени процедури и подобра логистичка поддршка би го поттикнале развојот на домашните брендови. Сепак има простор за раст и извоз.
Дали планираш да го прошириш производството за поголеми пазари, на пример, преку извоз, нови соработки? Како гледаш на иднината?
Да, имам планови за проширување, особено преку соработка со локални и регионални продавници за здрава храна. Маџунот има голем потенцијал да стане дел од модерната гастрономија, особено како природен засладувач во десерти, пијалаци и готвење.
