Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија ја вовлекува Кина во својата војна против Украина, пренесе агенцијата Франс прес.
Русите „вовлекуваат други земји во војна. Верувам дека сега ја вовлекуваат Кина во оваа војна“, им рече Зеленски на новинарите. Киев е подготвен да ги „размени“ кинеските затвореници за украински војници кои ги држи Русија, додаде тој.
Зеленски рече и дека вмешаноста на кинеските борци во војната покажува дека Москва сака да ја продолжи.
„Украина верува дека таквото очигледно учество на кинеските граѓани во борбени операции на украинска територија во рамките на војната за агресија е намерен чекор кон продолжување на војната“, рече Зеленски. Тој додаде дека ова е дополнителен показател дека Москва едноставно треба да ги продолжи борбите.
Шефот на украинската држава им соопшти на претставниците на медиумите дека, според украинските разузнавачи, најмалку 155 кинески државјани се борат со украинските сили на страната на Русија.
Зеленски, исто така, рече дека на состанокот оваа недела во САД ќе се разговара за договорот за украинските минерали за ретки земји, со фокус на техничките аспекти и основите на идниот договор, пренесе Ројтерс.
Украинскиот претседател им нагласи на новинарите дека договорот треба да биде подеднакво корисен за двете страни и може да биде структуриран на начин што ќе помогне во модернизацијата на Украина.
Делегацијата од Киев ќе ја предводи заменик министерот за економија, додаде Зеленски.