Поради обилните врнежи од дожд на територија на град Скопје и излевање на Маркова река од речното корито, сеуште е затворен за сообраќај во двете насоки локалниот пат с. Горно Лисиче – с. Долно Лисиче, како и влезот за с. Батинци во двете насоки.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај презема мерки за посебен режим на сообраќајот.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.
Од УХМР известуваат дека според утринските податоци од хидролошките станици низ земјава, водостоите на сите реки низ земјава се доста високи и таа тенденција се очекува да продолжи во текот на денешниот ден. Поради обилните врнежи од дожд, во текот на вчерашниот ден регистрирани се локални излевања на река Маркова на неколку места по течението на реката. Во текот на денот се очекува, постепено намалување на водостојот, стабилизирање на состојбата со водостојот и постепено повлекување на водата.