Де Роси доби повик од Премиер лигата, ќе седне на жешкото столче на „волците“?

Вулверхемптон стапи во контакт со италијанскиот тренер Даниеле де Роси за можноста тој да го преземе тимот од следната сезона.

Според „Газета дело спорт“, Де Роси имал повеќе од една средба со челниците на премиерлигашот. Инаку, Вулверхемптон веќе смени тренер оваа сезона. Во моментов на клупата е Португалецот Витор Переира, кој во декември го замени Гери О'Нил.

Самиот Де Роси во својата кариера раководеше со СПАЛ и Рома, каде што започна како играч. Тој мина осум месеци на клупата на „волчицата“, од 16 јануари до 18 септември 2024 година. 

Доколку се оствари соработката, Де Роси би станал само вториот италијански тренер во историјата на Вулверхемптон. По Валтер Зенга, кој го водеше клубот помалку од три месеци од 1 август до 25 октомври 2016 година. Вулверхемптон моментално е седумнаесетти на табелата во Премиер лигата, прв над зоната за испаѓање со девет бода пред Ипсвич.