1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тенка поддршка за Вучиќ од Запад и Русија?

Ивица Петровиќ
28 јануари 2025

Големите сили во само неколку дена изразија (не)скриена поддршка на режимот на Александар Вучиќ во Србија. Дали оваа поддршка може да ги деморализира учесниците на протестот?

https://p.dw.com/p/4pisf
Српскиот претседател Александар Вучиќ со Ричард Гренел
Српскиот претседател Александар Вучиќ со Ричард ГренелФотографија: Darko Vojinovic/dpa/picture alliance

Претставниците на некои од највлијателните земји, како по команда, изразија одредена поддршка за власта во Србија во изминатите неколку дена. Интересно е што на иста задача се најдоа високи претставници на администрациите на САД, Русија и ЕУ, кои понекогаш како да препишувале едни од други.

Реакцијата  на Русија  можеби не беше неочекувана, бидејќи руската влада нема многу симпатии за уличните протести. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова изјави дека „односите меѓу Србија и Русија се коска во грлото на Западот“, и дека „се користат провокации за да се претворат протестите од демократски во антидржавни“, т.е. дека ова е „универзалниот клуч на Западот“.

Што се однесува до Западот, кој во српските режимски медиуми беше обвинет дека стои зад обидот за обоена револуција, оттаму дојдоа смирувачки зборови за  Александар Вучиќ.  Прво, генералниот директор на Директоратот на Европската комисија за соседство и преговори за проширување, Герт Јан Копман, во Белград, според некои медиуми, на затворен состанок со опозицијата нагласил дека  „Европската унија  нема да прифати или поддржи  насилна промена на власта во Србија“.  Ричард Гренел, претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за специјални мисии, изјави нешто слично на неговиот профил на X, велејќи: „Ние не ги поддржуваме оние кои го поткопуваат владеењето на правото или оние кои насилно преземаат владини згради“. Ако не ви се допаѓа законот или лидерот, тогаш работете на промени, но не прибегнувајте кон насилство“.

Дај што ќе дадеш и ајде да замижеме со двете очи

Секој на свој начин ги прочита споменатите пораки. Провладините медиуми како отворена  поддршка за Вучиќ.  Но, тоа беше толкувано и од противниците на власта, кои сметаат дека ваквите пораки се разочарувачки за сите продемократски сили во земјата.

Кога станува збор за Русија, таа нема многу пријатели во Европа и се води по принципот дајте што давате, за ДВ посочува Душко Лопандиќ, потпретседател на Европското движење во Србија:  „Русија е во ситуација. каде што не може да направи голем избор, па за неа е доволен и фактот дека „Србија не воведе санкции кон Русија“, вели тој.

Кога станува збор за Европската унија, „таа има бирократски пристап и замижува со двете очи пред оваа криза. Сакаат Србија да се оддалечи од Русија, ги интересира стабилност, решение на косовскиот проблем, а се чини дека најмалку ги интересира состојбата на политичкиот систем и демократијата во Србија“, вели соговорникот на ДВ.

Студенти Србија протести
Автокоманда во Белград на 27 јануари 2025 година: масовна блокада на една од најголемите раскрсници во СрбијаФотографија: Filip Stevanovic/Anadolu/picture alliance

Ричард Гренел е „во деловни односи или индиректни деловни односи со српскиот режим, кој инаку е многу умешен кога станува збор за овие трансакциски односи. Но, мислам дека тоа е тенка потпора која ќе исчезне кога режимот ќе ја достигне терминалната фаза, во која веќе доста навлезе“, оценува Лопандиќ.

Ниска вредност на знамето на ЕУ

Триумфализмот на режимските медиуми, кои по ова само добија поттик за уште посилна поддршка за властите, нормално дека не наиде на одобрување кај граѓаните на Србија кои  се приклучија на протестите.  Иако во реакциите провејуваше оптимизам и меѓусебно охрабрување „дека ќе треба сами да решаваме некои работи“, остана прашањето колку оваа западно-руска поддршка може да го деморализира отпорот кон режимот и протестите.

„Мислам дека нема, но проблемот од моја гледна точка е колку лошо овој трансакциски однос ќе влијае на сликата и имиџот на ЕУ во Србија“, забележува Душко Лопандиќ и додава:

„Знамињата на ЕУ беа високо покрај српските знамиња на поранешните демонстрации, но сега нема такво нешто. Имаше дури и инциденти кога овие знамиња се појавија на овие протести. И покрај падот на Србија во сите демократски параметри, ние имаме пораки за некаков напредок. Остава лош впечаток во јавноста. Мислам дека токму затоа нема да ги деморализира луѓето што протестираат, бидејќи луѓето веќе не обрнуваат внимание на ЕУ, која со години промовира празни приказни за напредок кој дефинитивно го нема“, посочува Лопандиќ.

Србија протести
Покрај транспарентите, на протестите може да се видат само српски знамињаФотографија: Djordje Kojadinovic/REUTERS

Режимот издиктирал пораки?

Интересно е што и Гренел и претставниците на ЕУ истакнаа дека на власт не се доаѓа на улица и со насилни средства, што само ги подгреа сомнежите дека тоа е можеби координиран однос на Западот кон актуелните настани.

Лопандиќ оценува дека тоа е „една од владините пропаганди што успеала да предизвика реакции кај нив. Имавме многу протести во Србија и речиси никаде немаше насилство, освен во спротивна насока. Мислам дека е одраз и на некаков принципиелен став дека стабилократијата им носи некаква стабилност, што е жален пристап“.

Поддршка и рушење во исто време

Големото внимание кои го добија овие изјави може да се протолкува како силно уверување кај српската јавност дека не може да има  политички промени  без поддршката на Западот. Но, и овде се свртува внимание на фактот што режимот упорно повторува дека Западот го соборува, но не може да објасни како истовремено го соборува и поддржува.

„Тоа е пропаганда на режимот упатена до неговите тврдокорни поддржувачи. Тоа е резултат на долгогодишна антизападна пропаганда и лесно се прифаќаат идејата дека Западот ја руши власта. Сегашната криза, сепак, дојде од внатре. Почетниот импулс е поврзан со корупцијата, но и поради начинот на владеење и злоупотреба на државата. За тоа сведочи и младата генерација, која гледа дека ова е систем кој постојано произведува нееднаквост меѓу луѓето“, заклучува Душко Лопандиќ, потпретседател на Европското движење во Србија.