
Вашингтон не ја поддржал заедничката изјава на седумте индустриски најразвиени земји Г7 со којашто се осудува минатонеделниот руски удар врз украинскиот град Суми, објави во вторникот агенцијата Bloomberg News.
Како што изјавил неименуван соговорник на агенцијата, САД ги известиле сојузниците дека не ја поддржуваат предложената заедничка изјава, бидејќи имаат намера да ги продолжат разговорите со Русија за запирање на војната, за која во Вашингтон сметаат дека се движат во добра насока. Претставник на Канада, која во моментов претседава со групата Г7, изјавил дека без американската поддршка би било невозможно заедничката осуда да добие на тежина и да биде пошироко прифатена.
Најмалку 34 лица загинаа, меѓу кои и деца, а 117 се повредени во рускиот напад врз градот Суми во неделата, според Киев. Суми, со население од околу четвртина милион луѓе, кој се наоѓа на само 25 километри од руската граница, стана гарнизонски град откако украинските сили од него извршија упад на територијата на руската Курска област во август минатата година, но оттогаш тие се веќе се истиснати од таму.
Меѓутоа, официјална Москва реагираше дека поседува докази според кои цел на ракетниот удар врз Суми било место каде што се одржувал состанок на командниот кадар на украинската војска која изведува прекугранични напади врз соседните руски региони на Курск и Белгород и офицери од западни земји. Притоа Русија повторно ги обвини властите во Киев дека уште пред почетокот на руската инвазија во 2022 година борбените позиции и војската и вооружувањето го стационира во градските средини земајќи го цивилното население како жив штит.
Руското Министерство за одбрана потврди дека на 13-ти април руските единици извеле напад со две балистички ракети „Искандер-М“ врз локација на којашто се одржувал состанок на командата на украинската оперативно-тактичка борбена групација „Северск“ во Суми. Притоа, истакна дека и во овој случај украинското население било земено како жив штит, одржувајќи активности на вооружените сили во центарот на густо населениот град.
Според руските воени извори, на локацијата на ударот во тој момент имало вкупно 200 припадници на украинската војска, вклучително и членови на командата, офицери од 95-та и 80-та специјална десантно-јуришна бригада, 21-та специјална механизирана бригада и 117-та бригата на територијалната одбрана. Според рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, Москва поседува докази дека успеала да го погоди местото на состанокот на украинските воени лидери и нивните западни колеги во Суми.
Според поранешниот пратеник на Врховната Рада (украинскиот парламент), Игор Мосијчук, во Суми се одрживало свечено одликување на припадниците на 117-та бригада на украинската територијална одбрана. Дека ударите биле извршени за време на церемонијата изјавиа и пратеничката во Радата, Марјана Безугла. Подоцна според некои украински блогови и медиуми, се тврди дека во овој удар загинал полковникот Јуриј Јула, поранешен заменик-командант на 26-та артилериска бригада именувана по генералот-заставник Роман Дашкевич.