1008 hPa
56 %

19 °C
Скопје - Пет, 25.04.2025 18:59
Доминацијата на правната, а не на политичката логика кај новата власт во Македонија може набргу да стане извор на проблеми во домашната и во меѓународната политика. Во домашната политика, на правото се гледа како на нешто „чисто“ додека на политиката како на нешто „валкано“. Се заборава дека правото е производ на „валканиот“ политички процес што носи закони. Притоа се заборава и дека правото, како што пишува Артур Бентли, е „еквилибрирање на интереси, балансирање на групи“ што го врши политиката.
Секоја сериозна анализа ќе покаже дека политичкиот, а не правниот процес е решавачки за стабилноста на една заедница. Власта не е машина за наметнување на правото врз поединците туку е центар за приспособување во едно плуралистичко општество. За стабилноста на тоа општество нужен е социјален мир што може да се оствари само преку процес на приспособување на интересите и нивно балансирање. Оттука и заклучокот дека во едно плуралистичко демократско општество во кое слободно се натпреваруваат групи, политиката, а не правото има примат во спречување на насилството.
Во либералната демократија се повлекува јасна линија меѓу криминалците и водачите на групите што се натпреваруваат за власт. Власта преговара со водачите на незадоволните општествени групи. Така се елиминира опасноста од нереди. Лекцијата што е научена во демократските општества е дека не смеат да се игнорираат барањата на незадоволните општествени групи ниту да се третираат нивните водачи како луѓе што се претставуваат самите себеси и никој друг. Практиката покажува дека репресијата ретко успева против значајни колективитети решени да ги бранат своите интереси (онака како што тие ги разбираат) наспроти централната власт. Демократската држава, да повторам, не е само фабрика за закони туку е пред сè е центар за помирување на конфликтните односи во едно општество, преку нивно приспособување.
Ова се базичните лекции што мора да ги знае секој граѓанин на државата. Така ќе научиме да го цениме „валканиот“ политички процес што произведува социјален мир и нема да нè импресионираат тогите и церемониите на уставните судии. Така ќе научиме да реагираме кога власта ги дисквалификува водствата на незадоволните групи во политичката битка, прогласувајќи ги нивните водачи за бандити со кои не се преговара. Така ќе го сочуваме мирот во општеството.
Слики: Keigo
Извор за текстот: Слободен печат