Нема подобар начин да се разбере Панта Мижимаков, освен како историја или приказна. Ова го кажа режисерот Јани Бојаџи на денешната комеморација за Панче Панта Мижимаков, најистакнатиот македонски филмски продуцент, кој почина на 5 март на 79-годишна возраст.
Мижимаков во кариерата бележи над 100 играни, долгометражни, краткометражни и документарни филмови, а Кинотека на Македонија чува стотици документи од домашни и странски продукции и копродукции на кои работел тој. Според Бојаџи, Мижимаков бил во право кога велел дека филмот во Македонија повеќе им дал на филмаџиите, отколку тие нему.
„Панта беше во право и брутално искрен во уверувањето дека филмот во Македонија нам ни дал повеќе, отколку ние нему. Ете, за наша среќа така беше и со Панта. Тој нам, на луѓето кои со него ги споделувавме животните и филмски приказни, ни даде повеќе, отколку ние нему. Му благодарам на филмот што го запознав и што можев да живеам и работам со него. Беше чест и задоволство да се биде дел од историјата на македонскиот филм. Нема подобар начин да се разбере Панта Мижимаков, освен како историја. Она што во суштина означува зборот историја- приказна“, кажа режисерот Јани Бојаџи.
Сотир Трајков