Дубаи влегува во Евролигата во новата сезона

Мнозинскиот сопственик на Виртус Болоња, Масимо Занети, одржа прес-конференција на која објави голема вест. Имено, од следната сезона (2025-2026) Дубаи ќе се приклучи на Евролигата и ќе игра во ова натпреварување.

Дубаи е клуб кој е основан дури минатата година и ја игра дебитантската сезона во АБА лигата. Моментално се на третото место на табелата со скор 20-5.

„Многу се зборува за проектот НБА во Европа, но Евролигата и понатаму е многу важно натпреварување. Голем број луѓе ја следат Евролигата и има многу можности за напредок, а од следната сезона во Евролигата ќе игра и клуб од Дубаи“, соопшти Занети.

Дубаи е предводен од тренерот Јурица Големац, кој во својот тим собра многу добри играчи, меѓу кои Дејвис Бертанс, Клемен Препелиќ, Авуда Абас, Данило Анѓушиќ... Вреди да се напомене и дека фајналфорот на Евролигата следната сезона ќе се игра во Абу Даби.