26 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈААлбанија ја отвора сезоната - македонски келнери ќе служат кафе на плажите

Албанија ја отвора сезоната – македонски келнери ќе служат кафе на плажите

Во пресрет на летната туристичка сезона, Албанија станува сè попривлечна дестинација за македонските работници кои бараат сезонска заработка.

Освен веќе добро познатите земји како Хрватска, Црна Гора и Грција, каде секоја година илјадници наши сограѓани заминуваат на печалба, сега и соседна Албанија ги отвора своите врати за повеќе од 2.000 работници од Македонија.

Најголем интерес има за позиции во угостителството, каде најбарани се келнери, шанкери, готвачи и помошници во кујна, но исто така се бараат и туристички водичи, возачи и собарки.

Албанските работодавачи, заради брзиот раст на туризмот на Јадранот, оваа година се подготвени да понудат конкурентни услови и плати, кои се движат од 800 до 1.000 евра, додека поискусните кадри или менаџерите може да добијат и до 1.500 евра месечно.

Марко Видиќ, 29-годишен келнер од Скопје, ова лето за првпат ќе замине во Албанија. Вели дека по две години поминати во Будва, решил да проба нешто ново.

„Чув од колеги дека во Албанија платите се добри, а животот е поевтин. Одлучив да заминам бидејќи е поблиску до Македонија и ќе можам почесто да се враќам дома“, вели Марко.

Покрај платите, близината на Албанија се смета за една од најголемите предности за македонските сезонски работници.

За разлика од Хрватска или Италија, каде патувањето е подолго и понапорно, албанските туристички центри се релативно блиску, што значително го олеснува доаѓањето и одењето на работниците во текот на сезоната.

Но, според агенциите за посредување при вработување во странство, и покрај големиот интерес, многу потенцијални работници се колебаат поради јазичната бариера.

„Има одлична понуда, работните услови се солидни, но македонските работници многу често стравуваат од албанскиот јазик.

Повеќето од нив не го познаваат јазикот и се плашат дека тоа ќе им создаде проблем во комуникацијата со локалните гости и работодавачите“, истакнува Ирена Глигоровска, вработена во приватна агенција за вработување.

Сепак, дел од работниците кои веќе работеле во Албанија тврдат дека јазикот не е толку голем проблем.

Според Даниел Петровски, готвач од Велес кој минатата година ја поминал сезоната во Драч, албанските работодавци се многу љубезни и подготвени да помогнат во адаптацијата.

„Почнав без никакво знаење на албански, но се снаоѓавме на англиски или со гестикулација. Локалното население е навикнато на туристи и странски работници, па не гледам причина за загриженост околу тоа“, објаснува Даниел.

Агенциите за посредување очекуваат ова лето бројот на македонските работници во Албанија да биде рекорден.

Причина за тоа се подобрените услови, блиската дистанца и желбата за подобра заработувачка во услови на домашна економска несигурност.

Единствениот предизвик останува јазикот, но и за тоа, велат, постои решение – волја и позитивен пристап.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП