Алкохолизмот е сериозна болест на зависност поради која страда цело семејство, особено децата. Исповедта на оваа девојка која растела покрај татко алкохоличар трогна многумина на Редит. Таа раскажува како изгледало нејзиното детство и живот покрај татко кој почесто бил пијан отколку трезен, но и низ што поминувало семејството поради неговиот порок.
-Моите родители се венчале млади, имале едвај нешто повеќе од 20 г. Набргу по моето раѓање, после 2 г. се родила мојата сестра. Првото сеќавање на мојот татко ми е како ме бакнува додека ме гребе со брадата, а неговиот здив мириса на алкохол. Сè уште го чувствувам тој мирис, иако татко ми почина пред 10 г. – ја започнува својата исповед оваа девојка со име Маја.
Како што вели, имала среќа што татко ѝ не бил агресивен кога ќе се напиел, напротив.
-Кога беше трезен, што ретко се случуваше, беше повлечен и молчалив. Штом ќе се напиеше, стануваше весел, разговорлив, сите нè бакнуваше додека здивот му мирисаше на вињак, или пиво. Мајка ми го толерираше неговото однесување, иако поради неговото пиење живеевме на работ од егзистенција. Сите пари ги пропиваше. Со мајка ми се расправаше секој први во месецот, кога таа ќе добиеше плата. Кавгата почнуваше кога ќе се вратеше од работа дома, а тој бараше да му даде пари. Таа не сакаше бидејќи мораше сите да не храни. Криеше пари дома, а ако татко ми ги најдеше, веднаш одеше во кафеана и не се враќаше додека не испиеше сè –додава оваа девојка од Балканот.
Како што раскажала, никогаш нема да го заборави денот кога татко ѝ исчезнал 3 дена.
-Веќе одев на училиште и се сеќавам дека мама му даде пари и го испрати во продавница да купи шеќер, што ѝ требаше за колачите кои ги правеше. Тој не се врати дома три дена! Мајка ми ги помина локалните кафеани, но не можеше да го најде. Тамам кога сакаше да повика полиција, се врати дома мртов пијан. Во рацете носеше овенато цвеќе за мајка ми. Кога ѝ ги подаде видов црна пантлика на која пишуваше: „Последен поздрав“. Цвеќето го собрал од гробишта – раскажала девојката.
Дома дошол каллив и искинат, а мајката на Маја не го ни прашала каде бил. Го избањала како дете и го сместила во креветот за да се наспие и отрезни.
- Кога тргнав во средно школо, еден ден налетав на него како спие на клупа во паркот додека во раката држеше празно шише вињак. Бев со другарките и избегав колку што ме држеа нозете. Мислев дека ќе пропаднам во земја од срам. Ја молев мајка ми да го остави, но таа не сакаше ни да чуе. Можев сè да побарам од неа, да ѝ кажам сè, освен да барам да го остави мојот татко пијаница. Не сфаќав зошто го трпи и се заколнав, кога ќе пораснам, никогаш во животот нема да погледнам маж кој пие – била искрена Маја.
Татко ѝ починал од цироза кога имал 42 г.
-Само стоев и гледав во сандакот. Немав солзи, ништо. Мајка ми плачеше. Кога помина погребот со денови седев на масата во кујна и гледав во влезната врата. Како да очекував дека ќе се појави тетеравејќи се, како некогаш. Дури тогаш сфатив дека мајка ми била зависна од него, како тој од неа. Тој не ѝ беше маж, туку го сакаше и третираше како трето дете. Никогаш повеќе не погледна друг маж и мислам дека засекогаш ќе пати по него, иако е мртво веќе 10 г. – ја завршила Маја својата болна исповед.