До јуни 2025 година, Северна Македонија треба да го измени Изборниот законик онака како што препорачаа набљудувачите на ОДИХР по ланските парламентарни и претседателски избори. Ако биде „добар ученик“ и ја исполни оваа обврска државата ќе добие околу 4,3 милиони евра од Европската Унија. Но, иако остануваат уште неколку месеци, засега конкретни чекори не се познати.
Обврската за изменет Изборен законик е дел од реформската агенда за земјава во рамки на Планот за раст на Западен Балкан која беше усвоена од Европската комисија, а во која се нагласува дека всушност Северна Македонија треба да донесе сосема нов закон.
„Во март 2024 година беа донесени измените на Изборниот законик. Меѓутоа, за да се овозможи примена на последните препораки на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија треба да се донесе нов Изборен законик“, се нагласува во реформската агенда.
Надлежно за следење на овој процес е Министерството за правда, меѓутоа и досега во пракса измените во овој закон се носеа со политички договор меѓу парламентарните партии.
„Во фаза сме на консултација околу процесот за подготовка на предлог Изборен законик. Рокот е јуни 2025 година“, одговорија кратко од Министерството за правда за Радио Слободна Европа.
Целиот овој процес треба да се случи и во пресрет на локалните избори што треба да се одржат во октомври 2025.
Владејачките партии оптимисти
Во реформската агенда, покрај јуни 2025 како краен датум кога треба да се случи гласањето во парламентот, се споменуваат и друг конкретен рок односно дека „донесувањето на предлог-законот од страна на Владата е планирано до мај 2025 година“. Потоа следува пуштањето во собраниска процедура.
До тогаш има околу три месеци, а како што е опишано во агендата, на измените треба да работи нова работна група која требало да се формира по парламентарните избори во мај 2024, составена од политички партии, ОБСЕ, ОДИХР, НДИ, професори и други експерти. Се предвидува и дека предлог-текстот на законот ќе биде објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) за да се спроведат консултации, како јавни дебати за консултации и мислења од сите релевантни страни.
Додека од Правда кратко одговараат дека се почнати консултациите, од владејачките партии се оптимисти дека ќе се стигне рокот. Но, засега како политички субјекти не се вклучени во никакви активности.
„Законското решение за кое зборувате е ставено во планот на Владата до мај месец. Партијата како тело не е вклучена во процесот. И ќе оставиме Владата и стручните тела, вклучувајќи го и Министерството за правда да го одработат својот дел. Партиите ќе можат да го кажат своето мислење во собраниска дискусија низ амандмани, во која расправа очекуваме максимална ангажираност на сите партии“, велат од ВМРО-ДПМНЕ за РСЕ.
Од оваа партија во програмата за минатите избори ги наведоа заложбите за една изборна единица и намалување на бројот на пратеници од 120 на 90.
Од нивниот владин партнер, коалицијата ВЛЕН, веруваат дека ќе се исполнат обврските кон ЕУ, а сметаат дека паралелно треба да се оди и со ревизија на целиот систем, вклучително и ревизија на изборните единици.
„Изборната реформа е сложен процес, како од технички, така и од политички аспект, кој бара национален консензус … Исполнувањето на нашите обврски треба да оди паралелно со неопходноста од суштински системски реформи, како што се подобрувањето на избирачкиот список, ревизијата на бројот на изборните единици и отворањето на листите, кои се клучни елементи за зајакнување на довербата во изборниот процес“, велат од ВЛЕН за РСЕ додавајќи дека веруваат во решенија кои во иднина ќе „гарантираат слободни праведни и демократски избори“.
Од опозициските СДСМ и ДУИ, пак, до објавување на текстот не одговорија на прашањата од РСЕ.
Што препорача ОБСЕ/ОДИХР по последните избори?
Последните измени на Изборниот законик беа направени во договор меѓу политичките партии и изгласани на 7 март 2024 година, на само два месеци пред парламентарните избори на 8 мај, кога се одржа и вториот круг од претседателските избори, иако препораката е тоа да се прави најмалку шест месеци претходно.
По изборите од ОБСЕ/ОДИХР заклучија дека изборите беа конкурентни и основните слободи биле почитувани, но процесот останува недоволно регулиран.
„За жал, Изборниот законик неодамна беше изменет во недоволно транспарентна забрзана постапка и без консултации со јавноста што не е во согласност со меѓународните стандарди и заложбите на ОБСЕ. Иако во измените беа вклучени некои од претходните препораки на ОДИХР и технички предлози на ДИК, тие во голема мера не ги зедоа предвид препораките на меѓуагенциската работна група задолжена за изборните реформи“, истакна тогаш шефицата на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, Џилјиан Стирк.
Таа забележа дека клучните препораки од ОДИХР и од Венецијанската комисија останале нерешени вклучително и „системското ревидирање на Изборниот законик“.
За законските измени, уште во април 2023 Министерството за правда формираше работна група предводена од експертот и поранешен претседател на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Новакоски. Групата работеше и на крајот на 2023, велат од Министерството за правда, до сите партии бил доставен нацрт-верзија. Но, неа партиите само делумно ја уважија.
„Во предлог-измените што беа донесени беа содржани дел од решенијата коишто ги предложи работната група и што беа составен дел на Предлог-Изборниот законик“, велат од Министерството.
Идните измени и реформи во изборниот систем, како што очекува меѓународната заедница, а се нагласува и во реформската агенда, треба да ја зајакнат улогата на институциите, да го допрецизираат и подобрат текстот на Изборниот законик за да може тој доследно да се применува.