1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Недостиг на јајца во САД: Европа е подготвена да помогне

Ник Мартин
29 март 2025

Северна Америка е погодена од бран на поскапување на јајцата поради појава на птичји грип. Цените се зголемени за повеќе од 150%. Во меѓувреме, има идеја Европа да го извезува вишокот во САД.

https://p.dw.com/p/4sHh8
супермаркет
Празни полици за јајца во супермаркет во ЊујоркФотографија: Richard B. Levine/Sipa USA/picture alliance

Во САД, јајцата се вообичаено јадење за појадок. Најчесто се пржат, понекогаш се варат. Кајгана или на око, не е важно – важно е да ги има. Затоа не е чудно што порастот на цената на кокошкините јајца има одредена експлозивна социјална димензија во најголемата светска економија. Американците се во небрано - во последните две недели плаќаа повеќе од 10 долари (9,22 евра) за десетина јајца, бидејќи појавата на птичји грип доведе до недостиг и зголемување на цените. Поради зголемувањето на цената од 159 отсто за една година, некои продавници почнаа да ја ограничуваат количината на јајца што клиентите можат да ги купат.

Повеќе од 166 милиони диви и домашни птици се убиени од почетокот на 2022 година, кога изби вирусот Х5Н1. Неделава американското Министерство за земјоделство објави дека од почетокот на годината се убиени 30 милиони живина. Тоа е 12,3 отсто од вкупниот број на пилиња во кафез во САД и речиси осум отсто од вкупниот број на кокошки кои се одгледуваат на отворено.

кокошки
Живинарска фарма во КалифорнијаФотографија: JUSTIN SULLIVAN/Getty Images/AFP

Американската влада побара помош од неколку европски земји во последните неколку недели, и покрај зголемените трговски тензии меѓу администрацијата на Трамп и Европската Унија порадиказнените царини. Покрај тоа, Вашингтон во минатото постојано воведуваше ограничувања за увоз на јајца од Европа поради стравувањата од ширење на птичјиот грип.

Според извештаите на медиумите, Американците стапиле во контакт со здруженијата на земјоделци во Данска, Шведска, Холандија, Германија, Шпанија, Франција и Италија за да ја разгледаат можноста за извоз на произведениот вишок во САД.

Премногу јајца во Европа?

Европа, исто така, имаше проблеми со птичјиот грип во последните три години, што доведе до намалување на залихите на јајца низ целиот континент. Најпогодени беа Полска, Унгарија и Франција. Во јануари годинава, Португалија исто така пријави појава на птичји грип на фарма во близина на Лисабон. Оваа година во Обединетото Кралство беа воведени строги мерки за контрола на заразата, бидејќи сомнителен случај на птичји грип беше пријавен во округот Тајрон во Северна Ирска.

Поради сето ова, капацитетот за извоз на свежи јајца е ограничен во повеќето европски земји. Претседателот на Здружението на германски производители на јајца, Ханс-Петер Голдник изјави дека Германија извезувала одредена количина јајца преку бесплатната берза на сирова храна, но дека обемот на овој извоз е мал. Тој забележува дека е обезбедено доволно залихи со јајца за Велигден, но ги повика Германците „да продолжат да трошат како и обично, а не да прават залихи“. Појасни дека во Германија нема недостиг, но нема ниту прекумерна понуда. Според официјалната статистика, во текот на 2023 година четвртина од јајцата кои биле во продажба се од увоз. 

Претставник на финската влада изјави за медиумите дека Финска сепак не може да помогне поради ограничувањата наметнати од САД за увозот. Тој додаде дека тоа нема да се промени ниту по укинувањето на овие ограничувања, бидејќи со четири милиони кокошки несилки земјата ги покрива сопствените потреби и нема вишок. Шведските и данските владини претставници им дадоа на САД ист одговор и исто образложение.

ЕУ не е ограничена само од американските увозни ограничувања, туку и од логистичките проблеми поради кревкоста на јајцата и потребата постојано да се одржува стабилна температура за време на транспортот. Воздушниот транспорт е скап, а превозот трае долго време.

Кој го произведува вишокот?

Минатиот месец Ројтерс објави дека Турција планира да го зголеми извозот на јајца во САД. Во билатералниот договор со Вашингтон, Анкара се обврза да извезе дополнителни 15.000 тони јајца. Претседателот на Здружението на турски производители, Ибрахим Афјон, најави дека Турција до јули ќе испорача 240 милиони јајца во САД. Ова е приближно шест пати повеќе од вкупниот минатогодишен турски извоз во САД. Дополнителниот извоз на Турција ќе и донесе приход од 26 милиони долари.

јајца
Ограничување на количината на јајца што може да се купат во супермаркет во ВајомингФотографија: David Zalubowski/AP Photo/picture alliance

Блумберг во февруари објави дека Вашингтон планира на Холандија, најголемиот светски производител на јајца, да и издаде специјални дозволи за увоз за да го ублажи недостигот на американскиот пазар. Според извори од Европската Унија, плановите вклучуваат и течни и јајца во прав.

Кога ќе се стабилизира снабдувањето?

Цената на јајцата во САД повторно падна во текот на февруари, благодарение на намалувањето на побарувачката и зголемувањето на понудата. Во средината на февруари, просечната цена беше 8,15 американски долари, но според податоците на американското Министерство за земјоделство, таа оттогаш е преполовена. Сепак, може да потрае некое време за ова намалување на цената да стигне до потрошувачите. Побарувачката би можела да се зголеми во наредните месеци, а постојаната појава на нови случаи на птичји грип може да го наруши производството.

Исто така, потребно е време убиената живина да се замени со нова - целиот процес трае четири до пет месеци. И после тоа, производството постепено се зголемува. На живинарските фарми им треба време да се вратат на нивоата пред избувнувањет на заразата. Регулативите за биосигурност се строги, што дополнително го забавува процесот на опоравување. Покрај тоа, многу производители го одложуваат размножувањето на нови млади несилки поради страв од нови зарази.

Поради сето наведено, цените најверојатно ќе останат високи уште долго време, а недостигот на јајца на отворениот пазар ќе трае најмалку до крајот на годината.

 

Германија: Обоени јајца во продавниците - преку цела година