Тарифите на Трамп: Од „први во редот“, до први со високи царини од страна на САД

САД воведуваат царини од 33 отсто за производи од Македонија. Одлуката на американската администрација е дел од последната рунда глобални трговски мерки, најавени од претседателот Доналд Трамп.

Најголем удар се очекува во автомобилската индустрија - сектор што вработува десетици илјади луѓе и доминира во македонскиот извоз.

Аналитичарите предупредуваат - малите економии како македонската се најранливи кога трговските војни стануваат глобални.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека вкупната трговска размена со САД лани достигнала 314 милиони долари, пад од 2,1% во однос на 2023. Извозот од Македонија во САД пораснал на 118,2 милиони долари, тројно повеќе од претходната година, додека увозот од САД паднал на 195,9 милиони долари. Според сценарио на Центарот за истражување и креирање политики, ако трговската неизвесност продолжи, Македонија ќе се соочи со сериозен економски удар. Најголем пад на растот до минус 9% се очекува во периодот од 2027 до 2029 година. Сепак, од Владата ги демантираат ваквите црни сценарија и порачуваат - ситуацијата се следи внимателно, а планот за одговор е веќе подготвен.

„Контактите со американската администрација се веќе воспоставени и ќе продолжат на високо ниво, а Владата ќе работи на изнаоѓање решение и на спроведување на планот. Она што е значајно да се спомене е дека нема потреба од никаква паника, ниту од избрзани реакции и заклучоци.“

Од Стопанската комора на Македонија, пак, воведувањето на царините го гледаат како обид за редистрибуција на глобалниот профит.

Македонија заедно со Србија и Босна и Херцеговина добија највисоки царини од САД од земјите во регионот. За Србија тие изнесуваат 37 отсто, за Босна и Херцеговина, 35 отсто, додека за Косово, Албанија и Црна Гора се предвидени значително пониски стапки од по 10 отсто. САД ја нарекуваат оваа политика „реципрочна“, бидејќи целта е да се израмнат трговските бариери што други земји, вклучително и Македонија, ги поставуваат кон американските производи.

Американскиот претседател Доналд Трамп го прогласи денот 2 април за Ден на ослободувањето со порака дека сака да ѝ ги врати парите на својата земја преку царини кои ќе ја стимулираат американската економија.