„Традиционална изработка и свирење на гајда“ – е шестото добро од Македонија впишано на Репрезентативната листа за нематеријално културно наследство на човештвото на УНЕСКО.
Мултинационалната номинација е поднесена од Македонија и Турција и вчера беше усвоена на 19. седница на Меѓувладиниот комитет на УНЕСКО за заштита на нематеријалното културно наследство што се одржува во Асунсион, Парагвај. Македонската делегација на сесијата ја сочинуваше Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) и м-р Ивона Опетческа-Татарчевска, виш соработник за фолклорни добра и национално контакт-лице за Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на нематеријалното културно наследство.
Ова е важен момент во македонската култура бидејќи дури по 7 години нашата држава впишува уште едно нематеријално културно добро на листите на УНЕСКО, со што вкупниот број на впишани заштитени добра од нашата држава е 6, од кои веќе 2 заеднички со Турција – велат од Министерството за култура и туризам.
Номинацијата беше подготвена со меѓусебна координација на македонскиот тим, составен од претставници од УЗКН и од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје и експертскиот тим на Министерството за култура и туризам на Турција. Впишувањето на добрата на листите на УНЕСКО претставува обврска за државите, но и можност за промоција на националното богатство во глобални рамки и зачувување за идните генерации.
Целта на сесијата на Комитетот е да ги промовира целите на Конвенцијата, да обезбеди насоки за најдобри практики и да даде препораки за мерки за заштита на нематеријалното културно наследство. Со годинашната сесија на Комитетот претседава Ненси Овелар де Горостиага, амбасадор и постојан делегат на Парагвај во УНЕСКО, и на неа учествуваат претставници од земјите членки, невладини организации, културни институции и други учесници од целиот свет.
Македонија стана дел од светската карта на држави со впишано нематеријално културно наследство на листите на УНЕСКО во 2013 година со впишувањето на „Чет’рсе – празнувања на Светите Четириесет маченици во Штип“, потоа „Копачката“ – машко соборско оро од село Драмче, Пијанец“ (2014 г.), заедничката апликација на Македонија и Турција „Пролетна прослава Х’дрлез“ и мултинационалната апликација на Македонија, Бугарија, Романија и на Молдавија „Културни практики поврзани со 1 Март“ (2017 г.) на Репрезентативната листа на УНЕСКО на нематеријално културно наследство на човештвото, и со впишувањето на „Гласоечко – двогласно машко пеење во Долни Полог“ (2015 г.) на Листата на УНЕСКО на нематеријално културно наследство за ургентна заштита.
Македонската делегација остварила повеќе неформални средби со делегациите на Норвешка, Словенија и на Камерун, со Ненси Овелар де Горостиага и со генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азуле, при што фокусот бил ставен на актуелните теми поврзани со Охридскиот Регион.