Постигнат договор за укинување на „долговната кочница“ во Германија
- Реформата ќе стави крај на строгите правила за задолжување, воведени по финансиската криза во 2008 година, кои многумина ги сметаат за „фискална стега“.

Берлин, 14 март 2025 (МИА) - Постигнат е договор за голема реформа на правилата за државниот долг во Германија, што ќе овозможи значително зголемување на трошоците за одбрана и безбедност, како и инвестиции од 500 милијарди евра во инфраструктурата во следните 12 години. Ова го објави Фридрих Мерц, лидер на конзервативниот блок Христијанско-демократска унија/Христијанско-социјална унија (ХДС/ХСС) и веројатен иден германски канцелар.
Конзервативците на Мерц, Германската социјалдемократска партија и „Зелените“ постигнаа договор за исклучување на расходите над еден процент од бруто домашниот производ (БДП) за одбрана и безбедност од уставната „долговна кочница“. Овие средства ќе бидат насочени кон воена и цивилна заштита, разузнавање и помош за земји под незаконска агресија.
Договорот отвора пат парламентот да ги усвои законските измени следната недела. Трите партии имаат двотретинско мнозинство потребно за промена на уставот.
Мерц ја оправда реформата со неодамнешните политички тензии во односите со САД по доаѓањето на Доналд Трамп на власт, како и со зголемената закана од Русија.
- Ова е јасна порака до нашите партнери, но и до непријателите на нашата слобода: Германија е подготвена да се брани, изјави тој.
Уставниот суд на Германија треба да одлучи дали парламентот има право да донесе толку значајни измени пред конституирањето на новиот собраниски состав на 25 март.
Договорот со „Зелените“ предвидува одделување на 100 милијарди евра за фондот за климатски и економски промени.
Реформата ќе стави крај на строгите правила за задолжување, воведени по финансиската криза во 2008 година, кои многумина ги сметаат за „фискална стега“.
- Со оваа реформа, долговната кочница можеби не е целосно укината, но е ефективно неутрализирана, изјави Карстен Бжески, економист во ING.
Според него, единственото преостанато ограничување за германските јавни финансии ќе биде Пактот за стабилност и раст на ЕУ, кој, како што вели, „може да биде многу флексибилен доколку е потребно“.ссм/
фото: архива