Пренџов во 24 Анализа: Срам ми е дека немаше комеморативна седница во Собрание

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов во 24 анализа рече дека не се чувствува пријатно и нема да ја брани одлуката за тоа што Собранието одлучи да прекине со работа веднаш по трагедијата во Кочани. Според него, одлуката била со добра намера и била донесена во емотивна состојба и страв дека може дополнително да се ‘погрее’ атмосферата меѓу пратениците. Тој потенцираше и дека чувствува срам за тоа што немало комеморативна седница.

„Не се чувстувам пријатно тоа што Собранието донесе одлука да не работи, нема да ја бранам одлуката знам дека е со добра намера и беше донесена во состојба со емцоии и имаше страв дека ќе се случи нешто да да додаде масло на огнот.

Немаше седници но ние бевме на работа. Јас учествував со девет законски решенија кои веднаш беа ставени на дневен ред. Срам ми е дека немаше комеморативна седница. Иако работевме не бевме таму каде што очекуваа да бидеме тие што не пратија таму. Најмал проблем е вие кога ќе ја ставите на маса дали требало да има комеморативна седница или да земеме плата, ова првото дава повеќе значење“, рече Пренџов.

За формирање на анкетна комисија за пожарот во Кочани, Пренџов рече дека кога ќе заврши целосната истрага и ќе има информации кој се е обвинет и одговорен ќе се размислува на таа тема.

Во првата фаза од истрагата за Кочани имаме 36 луѓе во притвор. Сега почнува втора фаза. Ќе видиме кој се ќе биде вклучен. За овој настан, од трагедијата до реагирањето на институциите беше брзо и тоа соодветно ќе биде една од причините полека но сигурно да се создаде доверба кај институциите. Од она што го гледаме е дека има притворени луѓе и од СДСМ и од ДУИ и од ВМРО-ДПМНЕ.

Од сите политички партии има притворени. Не дека се од политички партии туку дека биле инволвирани. За анкетната комисија, ние кога сме гледавме како сегашната опозиција не реагира на одредени случаи реагиравме и баравме одговори. Секогаш има потреба од анкетна комисија. Даваме шанса да заврши истрагата и кога ќе имаме се заедно, кога ќе има пријави и тоа кога ќе биде јавен податок и ќе реагираме“, додаде Пренџов.

На прашањето дали ќе има предвремени парламентарни избори, Пренџов одговори дека засега нема да има. Тој објасни дека граѓаните преку локалните избори ќе ги покажат своите мислења и ставови за тоа кој сакаат да ја води државата.