Македонија
Кузеска: Трагедијата во Кочани покажа длабоки пропусти на МВР, мора да има одговорност

Најтешката трагедија во поновата историја на нашата држава – трагедијата во Кочани – однесе уште една жртва. Болката се уште е огромна, а прашањата за одговороност за институционалните пропусти– сè погласни. Трагедија со вака тешки последици, со толку голем број на жртви повикува на неселктивна истрага и одговорност од сите, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа рече дека и покрај сите пропусти непосредно на денот на кобната ноќ и пред тоа, сè уште ниту еден командир, инспектор, началник или функционер на МВР – од ОВР Кочани, СВР Штип или БЈБ – не е повикан на распит, ниту опфатен со истрагата. А токму тие биле на функција, имале законска обврска и должност да постапат на 16 март.
„Законот за јавни собири јасно вели дека за масовен настан со над 600 луѓе, мора да има полициско присуство и безбедносен план, дури и ако не бил формално пријавен.
Факт е дека МВР не постапило соодветно, не изготвило безбедносен план, не направило проценка на ризик, иако настанот бил јавно најавен.
Исто така, МВР е надлежно за дозволите и контролата на употреба на пиротехника во затворен простор – која што е основна причината за пожарот.
Полицијата, која била на лице место кобната ноќ во диското – видела малолетници, пиротехника, непријавен настан, клуб без лиценца – и не презела ништо!
Значи сите контролни механизми и безбедноста кои се во надлежност на МВР – особено Бирото за јавна безбедност, СВР Штип и ОВР Кочани затаиле.
Како е можно да нема никаква одговорност од актуелните полициски функцинери кои биле на позиции тој ден?
Еден од тие функционери е Томо Донев, началник на криминалистичка полиција во Кочани.
Тој е фотографиран на партиски состанок на ВМРО-ДПМНЕ иако според Законот, забранета е политичка активност за полициски службеници.
Јавно прашуваме:
Дали поради оваа близина со ДПМНЕ досега не се опфатени со истрагата актуелни фукцинери од МВР?
Ова не е прашање на политика. Ова е прашање на одговорност и правда.
Граѓаните, жртвите и нивните семејства заслужуваат одговори а јавноста бара одговорност, од прв до последен“, изјави Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од утре до петок посебен режим на сообраќај во Скопје

Во периодот од 09-11.04.2025 година (среда-петок) во официјална посета на Македонија ќе присуствува Уршка Клакочар Зупанчиќ, Претседател на државниот збор на Република Словенија.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот на подрачјето на град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите што ќе ги даваат полициските службеници.
Македонија
Зелен хуман град со најава за мирен протестен марш за труењето од рудникот Тораница

Зелен хуман град најавува мирен протестен марш во 12:30 ч. во сабота (12 април) што ќе започне пред Министерството за животна средина и просторно планирање поради, како што велат, алармантниот молк и неодговорното постапување на надлежните институции во врска со хаваријата и истекувањето на токсични материи од рудникот Тораница во Крива Река.
„По хаваријата, ЗХГ поднесе барања за слободен пристап до информации од јавен карактер до Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Центарот за јавно здравје Куманово и Општина Крива Паланка.
Наместо одговори, се соочивме со загрижувачки факти:
Дури два дена по нашето барање за информации, ДИЖС за првпат назначи овластено лице за слободен пристап до информации, што е директно кршење на Законот.
Објавеното Решение за надзорот спроведен од ДИЖС во рудникот Тораница е нецелосно, полно со недоследности и грешки и не наложува соодветни мерки или санкции пропорционални на хаваријата.
Клучни информации за инспекцискиот надзор, како на пример, земање примероци од акредитирана лабораторија (што е законска обврска), не се споменати во Решението.
ДИЖС блокира активистички групи и граѓани на социјалните мрежи (меѓу кои и ЗХГ) и оневозможи коментирање, покажувајќи отсуство на волја за дијалог со загрижената јавност“, соопштуваат од Зелен хуман град.
Истовремено додаваат дека Центарот за јавно здравје Куманово во завиена форма им одговорил дека ниту една институција не побарала од нив да извршат анализи на водата и почвата по хаваријата, но не им одговорил на барањето во целост.
„Деградирачки е, што воопшто објаснуваме зошто ова е комплетно недозволиво од некој што е платен од нас, граѓаните, да нè штити“.
Нагласуваат дека граѓаните имаат уставно загарантирано право на чиста животна средина, а институциите имаат обврска да го штитат тоа право и да обезбедат навремени и точни информации, да делуваат ажурно и професионално, особено кога постои ризик здравјето на граѓаните.
Бараат транспарентност и конкретни податоци за степенот на загадувањето, преземените мерки и одговорноста за инцидентот.
Бараат од ДИЖС, МЖСПП и Центарот за јавно здравје Куманово најдоцна до среда, 9 април 2025 година, јавно да ги објават и да им ги достават сите информации кои ги ги имаат побарано преку барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер.
„Не бараме информации што институциите веќе не ги поседуваат. Општина Крива Паланка веќе ни одговори што значи дека можеа и останатите институции да ни одговорат до денес. Затоа, доколку информациите не бидат објавени до наведениот рок или доколку одговорите се манипулирачки и нецелосни, организираме мирен протестен марш во сабота (12 април) во 12:30 ч. што ќе започне пред Министерството за животна средина и просторно планирање“, потенцираат од Зелен хуман град.
Македонија
Камбовски: Побаравме увид во пресудата за смртта на Теодора Ристовска

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, соопшти дека побарале увид во предметот за пресудата за возачот Менсур Пајазити кој смртно ја прегази 22-годишната Теодора Ристовска во Тетово, а кој доби 2 години затворска казна.
„Веднаш побаравме да видиме што се случува, предметот е побаран и треба да ни биде испратен. Ќе извршиме увид и доколку има пропусти ќе реагираме, доколку е сè во ред, ќе соопштиме“, рече тој.
Изрекувањето предизвика бурни реакции во јавноста, а премиерот Христијан Мицкоски го повика Судскиот совет да го разгледа работењето на судијата Елведин Ферати која ја изрече пресудата.
Теодора Ристовска беше смртно прегазена во август 2022 година. На првото судење во ноември 2023 година, по признавањето вина, Пајазити беше осуден на три години и шест месеци затвор. По жалбата, Апелацискиот суд ја намали казната на две години затвор, па Врховниот суд ги укина двете пресуди на Основниот и на Апелацискиот суд и предметот го врати на повторно судење.
Судијата Елведин Ферати претходно беше споменуван во јавноста како лице за кое се води предистрага дека си ги поправал оценките со пречкртување на тетовскиот универзитет. Државниот просветен инспекторат лани утврди дека три оценки во неговото досие биле променети со пречкртување. Предметот бил затворен откога јавниот обвинител ги добил документите, кои потврдуваат дека Ферати ги преполагал овие предмети и затоа претходните оценки биле пречкртани.