Претседателот на јужнокорејскиот Парламент денеска предложи измени во уставот на земјата за ограничување на претседателските овластувања, наведувајќи ја јавната поддршка за таквиот амандман откако поранешниот претседател Јун Сук-јеол беше сменет од функцијата поради прогласување воена состојба.

-Сакам да му предложам на народот брза ревизија на уставот, рече Ву Вон-шик на прес-конференција. „По минувањето низ неуставната и незаконска воена состојба и импичментот на Јун, јавниот консензус за итната потреба од ревизија на уставот е поголем од кога било“, додаде тој.

Ву Вон-шик предложи национален референдум за уставните амандмани да се одржи заедно со претседателските избори, кои мора да се одржат во рок од два месеци откако Уставниот суд ја потврди смената на Јун во петокот.

Судот пресуди дека отповикувањето на Јун од парламентот е валидно откако тој накратко прогласи воена состојба во земјата на 3 декември, што ја предизвика најтешката политичка криза во Јужна Кореја во последните децении.

-Одлуката на Уставниот суд стави крај на националните превирања, но потенцијалот за деструктивен конфликт околу претседателската моќ сè уште постои, рече Ву, додавајќи дека многу Јужнокорејци сакаат промена на „империјалното претседателство“.

Истражувањето на јавното мислење спроведено минатиот месец од агенцијата „Галуп Кореја“ покажа дека 54 отсто од испитаниците ги поддржале уставните промени кои влијаат на претседателскиот систем на владеење, додека 30 отсто од испитаниците изјавиле дека тоа не е неопходно.


Администратор
06/04/2025 23:54