Вести
Мицкоски и Филипче на различни позиции за уставните измени и евроинтеграции, се договориле за формирање работни групи
03.04.2025
Претседателот на СДСМ Венко Филипче како добар и конструктивен го оцени состанокот со премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, потенцирајќи дека ова е позитивен сигнал дека тие ги слушаат барањата на граѓаните. Мицкоски и Филипче се договориле да бидат формирани работни групи за реформската агенда во делот на правосудството, енергетиката и здравството.
- Имавме добар и навистина конструктивен состанок со премиерот. Сметам дека и до него јасно е стигната пораката и барањето на граѓаните за некаква форма на заедничка работа во сфери кои што се битни да го подобрат квалитетот на живеење. Начелно договоривме дека ќе работиме на начинот да формираме заеднички тела или работни групи во делот, пред се, на спроведување на реформската агенда, рече Филипче.
Според него, првичните закони кои треба да стигнат во Собранието се од правосудството, нешто што ги тангира сите граѓани, од областа на енергетиката и од здравството.
На средбата се зборувало и за евроинтеграциите и уставните измени, но за жал, вели Филипче тука тие имаат различни позиции.
-Ги разбирам позициите на премиерот. Останува за ова да разговараме дополнително, рече претседателот на СДСМ.
Премиерот Христијан Мицкоски ја посочил потребата од мобилизација на сите напредни поединци и структури кои можат да дадат придонес на патот за развој на земјата и побарал од Филипче да биде конструктивен фактор во определбата за промени.
– Беше истакната потребата да се работи на заедничката иднина за граѓаните, како и да се работи на консензус меѓу различните страни за клучните прашања за државата и добробит на сите граѓани. Во тој контекст неопходно е да се мобилизираат сите напредни поединци и структури кој можат да дадат придонес на патот за развој на земјата. Македонските државни интереси треба да бидат појдовната точка во разговорите за секое прашање, стои во соопштението од Владата.
Додаваат дека на средбата било договорено да се формираат работни групи кои ќе разговараат за реформските решенија кои треба да ги гарантираат заложбите за напредок.
Извор/фото МИА