Свет
Фон дер Лајен: Силно ќе возвратиме на американските царини

ЕУ има силен план да возврати на американските трговски царини и доколку е потребно ќе го искористи тоа, предупреди денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Нашата цел е решение преку преговори. Но, се разбира, доколку е потребно, ќе ги заштитиме нашите интереси, нашите луѓе и нашите компании“, рече Фон дер Лајен обраќајќи се пред пратениците во Европскиот парламент во Стразбур.
Таа оцени дека за сите би било подобро ако се најде конструктивно решение, но нагласи дека Европа не ја почнала оваа конфронтација.
„Не мора да сакаме да возвратиме. Но, доколку е потребно, имаме силен план да возвратиме и ќе го искористиме“, рече Фон дер Лајен.
Истовремено, таа нагласи дека ЕУ има сè што ѝ е потребно за да ги заштити својот народ и просперитетот.
„Го имаме најголемиот единствен пазар во светот. Имаме моќ да преговараме. Имаме моќ да возвратиме“, рече Фон дер Лајен.
Рече дека царините ги влошуваат работите и дека тие се даноци што ги плаќаат граѓаните.
„Царините само ќе ја поттикнат инфлацијата, што е спротивно на она што сакаме да го постигнеме. Американските фабрики ќе плаќаат повеќе за компоненти произведени во Европа. Тоа ќе чини работни места. Тоа ќе создаде бирократско чудовиште од нови царински процедури. А денес тоа никому не му треба, ниту во САД ниту во Европа”, рече Фон дер Лајен.
Таа додаде дека ЕУ е отворена за преговори, на кои ќе им пристапи од позиција на сила.
„Европа има многу карти. Од трговија до технологија до големината на нашиот пазар. Но, оваа сила е изградена и на нашата подготвеност да преземеме силни контрамерки доколку е потребно. Сите инструменти се на маса“, рече Фон дер Лајен.
Таа додаде дека ЕУ ќе продолжи да ја диверзифицира трговијата со другите партнери и да го удвои единствениот пазар.
„Мораме да ги срушиме преостанатите бариери за да имаме единствен пазар“, рече Фон дер Лајен.
Таа потсети дека американската администрација најави зголемување на царините за 25 отсто за увоз на челик и алуминиум, автомобили и автоделови и наведе дека следните сектори што ќе се соочат со царини ќе бидат полуспроводниците, дрвото и фармацевтските производи.
Таа посочи и дека утре ЕУ очекува објава за таканаречените реципрочни царини, кои ќе важат за речиси сите стоки и за многу земји во светот.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во своето обраќање пред членовите на ЕП зборуваше за фокусот на лидерите на ЕУ на состанокот во март на конкурентноста и заедничкиот просперитет и рече дека Европскиот совет има јасно чувство за итност во однос на одбраната и конкурентноста.
Итно намалување на бирократијата, итна промоција на Сојузот на штедилниците и инвестициите и итно одобрување на глобалната рамка за поголемо, подобро, побрзо и заедничко инвестирање во нашата одбрана“, рече Кошта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Путин нема да присуствува на погребот на папата

Руската државна агенција ТАСС објави дека претседателот Владимир Путин не планира да присуствува на погребот на папата Франциско повикувајќи се на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Претседателот нема такви планови“, изјави Песков пред новинарите, според агенцијата, додавајќи дека сè уште не е донесена одлука за тоа кој ќе ја претставува Русија на испраќањето во Ватикан.
Путин последен пат го посети папата Франциско во Ватикан во јули 2019 година.
Телото на папата Франциско ќе биде префрлено во базиликата „Свети Петар“ в среда наутро во 9 часот, објави Ватикан.
Неговото тело моментно е положено во ковчег во капелата на Каса Санта Марта, каде што живеел за време на своето 12-годишно папство.
Ватикан денес објави дека погребот на папата Франциско ќе се одржи в сабота во 10 часот на плоштадот Свети Петар. Тој ќе биде погребан во базиликата „Света Марија Голема“ во Рим.
На последното збогување ќе присуствуваат стотици илјади верници, како и странски лидери, како што се американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Свет
Недостиг на лекови во Газа: ОН предупредува на катастрофа

Палестинските пациенти во Газа се во сè полоша ситуација поради израелската блокада, а недостигот од клучни лекови и медицински потрошен материјал доведува многу животи на работ на смртта.
Затворањето на граничните премини од 2 март ги исцрпе болничките резерви на основни потреби создавајќи ситуации опасни за животот за сите на кои им е потребна терапија – од хронични болести до повреди од војната.
Министерството за здравство на Газа постојано предупредува на влошување на кризата поради недостиг на лекови, што дополнително ги оптоварува веќе слабите капацитети на здравствениот систем.
Во разговор за агенцијата „Анадолијањ, Ала Хилес, директор на Одделот за болничка фармација при Министерството за здравство на Газа, изјави дека повеќе од 37 проценти од основните лекови и најмалку 59 проценти од медицинските потрошни материјали моментно не се достапни во магацините на Министерството.
„Овој недостиг директно влијае на сите медицински услуги вклучувајќи ги ракот и крвните заболувања“, рече Хилес додавајќи дека 54 проценти од лековите за овие болести се исто така недостапни.
Тој исто така истакна дека повеќе од 24 проценти од лековите што им се потребни на пациентите на дијализа во моментот не се достапни.
Хилес изјави дека Министерството редовно поднесува извештаи за недостиг на лекови до релевантни меѓународни организации, вклучувајќи ги Меѓународниот комитет на Црвениот крст и Светската здравствена организација.
Во оваа криза Министерството за здравство се обидува да најде медицински алтернативи за ублажување на последиците од недостигот и намалување на компликациите за пациентите. Но, Хилес предупредува дека овие алтернативи не се секогаш соодветни и дека менувањето на лековите може да претставува дополнителен ризик за здравјето на пациентите.
Обединетите нации во понеделникот одбележаа 50 дена откога Израел целосно ја блокира хуманитарната помош за Газа предупредувајќи на брзо влошување на ситуацијата, што сериозно ги загрозува животите на цивилите.
„Денес, се навршуваат 50 дена откога израелските власти целосно го запреа протокот на какви било резерви во Газа“, изјави портпаролот на ОН, Стефан Дужарик, на прес-конференција.
Повикувајќи се на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OCHA), Дужарик нагласи: „Од почетокот на март на ниеден камион што носи храна, гориво, лекови или други потребни работи не му е дозволено да влезе во Газа, без разлика колку се важни овие резерви за опстанокот на луѓето“.
Свет
Помошникот на Путин: Мировниот план на Трамп за Украина ќе влезе во руските учебници

Планот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на војната во Украина ќе биде вклучен во руските училишни учебници, изјави Владимир Медински, помошник на претседателот на Руската Федерација и еден од авторите на учебникот и претседател на Руското военоисториско друштво, пишува „Данас“.
„Извонредните напори што новата американска администрација ги вложува за да се обиде разумно да го реши конфликтот во Украина и, генерално, неверојатните трансформации во американската внатрешна политика на кои сега сме сведоци, несомнено ќе се појават на страниците на учебниците за руската и за светската историја кога ќе биде подготвено следното издание“, објави „Данас“.
Тука можеме да кажеме дека Трамп, дефинитивно, влезе во историјата“, рече Медински, пренесува „Данас“ за агенцијата ТАСС.
Тој додаде, како што е наведено, дека нема право да коментира за политиката на американскиот претседател, но истакна дека како набљудувач и историчар може да каже: „Живееме во историска ера“.
Пред тоа, како што напишаа „Волстрит џурнал“ и „Блумберг“, администрацијата на Трамп достави предлози до Украина и до претставниците на Европската Унија за прекин на војната. Според планот, Киев треба да го признае Крим како руски и да одбие да се приклучи на НАТО, според овој медиум.
Во исто време, објави „Данас“, непријателствата ќе бидат запрени по линијата на контакт, а Русија ќе ја предаде нуклеарната централа „Запорожје“ под американска контрола.
Се очекува украинските власти да одговорат на овие предлози на состанок во Лондон на крајот од неделата.
По тоа, според „Волстрит џурнал“, како што објави „Данас“, специјалниот пратеник на американскиот претседател за Блискиот Исток, Стив Виткоф, би можел да ја посети Русија четврти пат за да разговара за планот договорен со Украина и ЕУ со рускиот претседател Владимир Путин, објавува „Москва тајмс“.
Условите на мировниот договор предложени од Соединетите Американски Држави се блиски до барањата на Русија. Претходно, Путин побара од Киев да ги предаде регионите Луганск, Донецк, Запорожје и Херсон на Москва во рамките на нивните административни граници и да одбие да се приклучи на НАТО, се вели во текстот.
Тој исто така инсистира, како што е наведено, на одржување претседателски избори во Украина нагласувајќи дека руската страна не може да потпише мировен договор со нелегитимниот претседател Володимир Зеленски.
Во исто време, САД предупредија дека, доколку мировните преговори не успеат, Вашингтон ќе се повлече од преговарачкиот процес, пишува „Данас“.