• Саше Љолес
Екипата на Торино и нашиот Ељиф Елмас се изборија за реми со конечни 1-1 и освоија бод на гостувањето кај Лацио на „Олимпико“ во мечот од триесеттото коло во Серија А.
- Лацио - Торино 1-1:
Торино делуваше солидно во првите 45 минути, стоперите беа на висина на задачата, а исто така создаде и неколку интересни прилики за погодок. Лацијалите се обидуваа да пробијат по крилните позиции, имаа два шута во голот, но резултатот на паузата не се промени (0-0).
Гостите започнаа полошо во второто полувреме, додека Лацио со спорадични напади се обидуваше да ја пробие дефанзивата. Тоа му појде од рака во 57. минута, кога Адам Марушиќ погоди на аситенција на ветеранот Педро. Се чинеше дека римјаните се во одличен налет, имаа и уште 2-3 одлични шанси за втор гол, но без поголем успех во завршницата.
Во моментите кога се чинеше дека Торино делува безидејно, „биковите“ одиграа супер акција по левата страна, а топката дојде до Литванецот Гвидас Гинеитис, кој ги постави конечните 1-1 во 82. минута и го постигна третиот гол сезонава.
Ељиф Елмас остана на теренот до крајот на натпреварот и одигра солиден натпревар, а имаше и една полушанса кога биеше откосо, но голманот Проведел без проблем го скроти ударот. Торино сега има 39 бода и останува на 11. позиција, додека Лацио и натаму ќе се бори за излез во еврокуповите.
- Верона - Парма 0-0:
Нешто порано својот дуел го одиграа Верона и Парма, а бодовите беа поделени со нерешениот резултат кој никогаш не нуди возбуда за навивачите, 0-0.