Нетанјаху се откажа од својот кандидат за нов шеф на Агенцијата за внатрешна безбедност

1. 04. 2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Нетанјаху се откажа од својот кандидат за нов шеф на Агенцијата за внатрешна безбедност

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска соопшти дека се откажал од назначувањето на Ели Шарвит за нов директор на Агенцијата за внатрешна безбедност (Шин Бет) по критиките за неговиот кандидат од страна на влијателниот американски сенатор Линдзи Греам.

Кабинетот на израелскиот премиер соопшти дека Нетанјаху му се заблагодарил на вицеадмиралот Шарвит што одговорил на неговата покана да ја прифати функцијата, но го информирале дека по дополнително разгледување, има намера да разгледа и други кандидатури.

Оваа ненадејна промена дојде откако номинацијата на адмиралот Шарвит за раководството на Шин Бет беше критикувана во САД од републиканскиот сенатор Линдзи Греам, кој е близок до американскиот претседател Доналд Трамп.

Греам рече дека номинацијата на Ели Шарвит за нов шеф на Шин Бет е повеќе од проблематична.

„Мојот совет до моите израелски пријатели е да го променат својот став и подетално да го проучат минатото на нивниот кандидат“, рече Греам и укажа на изјавите на адмиралот Шарвит за претседателот Трамп и неговата политика, кои, како што рече, „ќе создадат непотребни тензии во критично време“.

Нетанјаху во понеделникот ја објави номинацијата на Шарвит за шеф на Шин Бет, иако Врховниот суд на земјата ја замрзна смената на вршителот на должноста шеф на агенцијата, Ронен Бар.

Одлуката на Нетанјаху да го смени Бар, за кого рече дека повеќе нема доверба, беше жестоко критикувана во Израел, каде протестите против владата се зголемуваат. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата