Денес нашиот Спасител, Господ Исус Христос, го прави едно од најголемите чуда пред очите на израилскиот народ, кој само по неколку дена од завист ќе Го убие, распнувајќи Го на крст. Колку е трагична и мизерна состојбата на душата која е исполнета со горчината на зависта и прободена со трнот на гордоста! Таа не ги гледа чудата, не сака да соработува со доброто. Господ денес го воскреснува од мртвите веќе четири дена умрениот и погребан Лазар од Витанија, братот на Марта и Марија, а тие не се отрезнуваат да видат кој е Оној Кој стои пред нив и колку Он е моќен да ги спаси и нив самите од сите зла, па и од смртта. Решаваат да Го убијат својот Спасител. Мрачниот облак на гордоста и зависта, особено на народните водачи, не оставил да погледнат со духовните очи и да Му се израдуваат и да Го прифатат Спасителот на светот. Напротив, им дошепнувала дека сите ќе тргнат по Него и тогаш тие ќе бидат засенети, а и Римјаните ќе дојдат и ќе им ја одземат власта.
„Тогаш првосвештениците и фарисеите го собраа Синедрионот и рекоа: „Што да правиме? Овој Човек прави многу чуда. Ако Го оставиме така, сите ќе поверуваат во Него и ќе дојдат Римјаните, па ќе ни ги одземат и земјата и народот… Од тој ден се согласија да Го убијат“ (Јован 11,47-48,53).
И сите ние, со своите лоши одлуки решаваме да го убиеме Господа во себе. Нашата согласност со гревот, со одлуката да паднеме во грев, па дури и во најмалиот, да извршиме неправда, да осудиме, да излажеме, да приграбиме за себе – Го распнуваме одново и одново нашиот Спасител. Треба да се отрезниме од пијанството на гревот и на нечувствителноста. О, колку е тажна сликата на душа потоната во мракот на нечувствителноста, во студенилото на отсуството на Божјата благодат! Семилосрдниот Господ плаче над таквата душа. Ја кани доброволно да Го прифати, да Го прими, да му се предаде со вера и надеж, за да ја воскресне, да ја ослободи, да ја оживи и да ја спаси. Господ со љубов чека и сака да ни ја даде благодатта Своја бесплатно. Он го повика Лазара од гробот и го воскресна, иако според природата на нештата веќе беше започнал да се распаѓа, бидејќи веќе четири дена лежел во гроб. На Господовиот сесилен глас: „Лазаре, излези надвор!“ – тој излезе. Така и ние да го послушаме тој Божествен глас во својата душа. Зарем Господовиот глас не се слуша и во нашите души потонати во гревот, во страстите, во суетните грижи и стравови? Гласот на Господа Бога воскресителот вика во секого од нас: „Излези надвор!“ Излези од нечувствителноста, од мрзливоста, од релативизирањето, од мрачната долина на смртта и воскресни, излези, види ја светлината, види го денот на вистинската слобода и радоста, почувствувај ја топлината на благодатта и љубовта Божја и не отфрлај ја.
Во спомен на големиот настан и чудото со Лазар, Свештената Бигорска Обител го изврши богослужението со голема радост и псалмопение. Повечерието вчеравечер со чудесниот канон на Св. Лазар составен од Св. Андреј Критски, во секого предизвика неопислива благодат и духовно созерцание, особен преку мелодичниот, длабок и благодатен глас на возљубениот ни старец и игумен, Епископ г. Партениј. Неговите зборови силно натопени од благодат, покајание и љубов преку словото што на крајот го произнесе, таинствено нѐ внесе во Светата и Велика Страдална седмица и настаните кои претстојат, подготвувајќи нѐ за средба со Младоженецот Христа. А денес пак, на утреното богослужение, заедно со Божествена Литургија на која молитвено претстоеше нашиот сакан старец дедо Партениј со своето монашко братство и присутните кои престојуваат, како и бројните верници поклоници, ги вознесоа своите молитви кон Господа воскресителот. Денешниот ден со особена боја на радост го обои присуството на најмладите од Река, дечињата кои дојдоа со радосни лица и весели души да му ја испеат каландата за Лазар на нашиот сакан Старец, а тој ги благослови и им раздели лазаринки и подароци.
Бог да нѐ удостои сите да влеземе во Неговата свадбена одаја и да земеме удел во вечната радост! Амин!
