Трајковски го „збесна“ Гатузо? „Кој не сака да е тука, има 12 дена да си оди!“

Хајдук загуби пријателски натпревар од шпанскиот третолигаш Мурсија (0-1), а тренерот Џенаро Гатузо бил многу лут на играчи по дуелот заради нивното залагање. Хрватските медиуми ја пренесоа изјавата на Џенаро Гатузо, а велат дека се однесува на двајца играчи.

„Лошо, лошо, многу лошо. Многу сум лут, ќе објаснам и зошто. Лани Хајдук во првата полусезона освои 38 бода, во вториот дел 26, а тоа многу лесно може да се повтори и сега. Овој меч со Мурсија беше ужас, не ме интересираат имиња, кој не сака да е тука, има уште 12 дена и може да си оди. Сфаќам дека постои замор, но сакам пристап. Дресот на Хајдук мора да се почитува“, изјавил тренерот по мечот.

Како што пишува „Национал“ од Хрватска, играчите кои го навлекле гневот на Гатузо се Звонимир Шарлија и Александар Трајковски. Причината што Трајковски е во овој „кош“ е што не се ни испотил против Мурсија, пристапот му бил катастрофален, па затоа бил и заменет.