Фризерка мора да плати 13.000 евра отштета на млада девојка, бидејќи ѝ нанела тешки повреди при бојадисување коса во фризерски салон.
Според пресудата, ученичка (16) настрадала во фризерски салон во Хрватска, откако фризерката користела препарати со хидроген, кои ѝ предизвикале оштетувања на кожата, главата и скалпот во вид на изгореници од трет степен. Девојката морала да подлежи на трансплантација на кожа на тој дел од главата.
Фризерката ги негирала обвинувањата, наведувајќи дека не ѝ ставила ништо спорно на косата и дека ученичката не се пожалила додека била во салонот. Но, исказите на сведоците и наодите на вештаците укажувале на спротивното. Ученичката изјавила дека веќе по пет минути од нанесувањето на смесата почнала да чувствува пецкање на темето.
„Реков дека ме пече, а фризерката ми одговори дека така треба да биде. Подоцна ја повикав и ѝ се пожалив дека сè уште ме пече и дека ми паѓа косата“, раскажала жртвата.
Поради сето тоа, девојката завршила на десетдневно болничко лекување и операција во Клиничкиот болнички центар во Осиек. Се чини дека фризерката не ја измешала правилно бојата за коса, па препаратот ѝ го оштетил скалпот и кожата.
Вештаците потврдиле дека ученичката поради тоа трпи и душевна болка, бидејќи има трајно оштетување – лузна со големина од десет на шест сантиметри на темето, на местото на повредата што подоцна било покриено со автотрансплантирана кожа.
Судијата минатата недела заклучил дека праведна отштета за нематеријалната штета во овој случај изнесува 13.000 евра, на што се додаваат и законски камати. Пресудата е непрвосилна и фризерката има право на жалба.