Бизнис

Анѓушев: Верувам дека „Грин машинс“ има огромна перспектива во следниов период да го зголеми значително својот удел на пазарот во светот

Метална и електроиндустрија

Економија и бизнис | печатено издание | 15 март 2025г.

Ангел Анѓушев, член на УО на Здружението на металната индустрија и електроиндустријата, оперативен директор на Грин машинс

 

„Грин машинс“ како дел од БРАКО работи во секторот на продажба на метларки, чии крајни корисници се најчесто јавни комунални претпријатија и општини.
Две илјади дваесет и четврта беше изборна година во повеќето европски држави и во САД. Познато е дека политичките турбуленции го намалуваат интензитетот на сите јавни набавки, вклучувајќи ги и тие кои се однесуваат на одржување на хигиената во урбаните средини. Европа, која е наш традиционално најголем пазар, во 2024 година доживеа економска стагнација, што значи и намалување на буџетите одделени за набавка на нова комунална механизација.
Во контекст на овие предизвици, клучни пазари беа Арапскиот Полуостров, Мексико, Југоисточна Азија и Австралија – пазари кои останаа недопрени од европските случувања. Од денешна перспектива, ние сме благодарни што предизвиците на европскиот пазар ни ги отворија очите за потенцијалот на гореспоменатите пазари каде што во 2024 година постигнавме одличен резултат. На Арапскиот Полуостров остваривме продажба од 45 возила во еден град, додека во Мексико, во Австралија и во Југоисточна Азија испорачавме возила кои ги надминаа очекувањата на клиентите и се вовед во засилена соработка на големи проекти почнувајќи од 2025 година.
Во 2025 година очекуваме зголемување на испораките во ЕУ и особено во САД, како и продолжение на успешните проекти на останатите пазари. Во 2025 година почнува и продажбата на новиот електричен модел GM720ze, официјално лансиран на пазарот во февруари 2025 година со настан во Македонија на кој учествуваа над 40 гости од целиот свет и беше покриен од национален медиум.
Со тоа верувам дека „Грин машинс“ има огромна перспектива во следниов период да го зголеми значително својот удел на пазарот во светот.

ПРЕПОРАЧАНО