Општество

Вистинската страна на историјата?!

Дејан Азески | Авторот е историчар, новинар и публицист

Економија и бизнис | печатено издание | 15 март 2025г.

Како што се случуваат големи промени во светот какви што сме немале барем три и пол децении така се актуелизира и еден стар апстрактен и многу неправеден термин кој говори за држави и за народи кои биле на вистинската страна на историјата. Неговата актуелизација, всушност, е во насока на мотивирање на актуелните генерации и на нивните лидери правилно да се позиционираат во сè поизвесната драстична поделба на светот.

За едните вистинската страна на историјата е цврсто да продолжи да се стои на т.н. продемократска идеологија инспирирана и спроведувана од Демократската партија на САД која си зеде за право од Втората светска војна наваму да го монополизираа овој поим, а по падот на Берлинскиот ѕид да го промовира и во светот и често насилно да го спроведува во форма на „обоени револуции“ кои, еден период, станаа и главен извозен продукт на САД. Тоа значи дека за да се стои на оваа страна на историјата треба свесно да замиже на сите најактуелни политички промени кои се случуваат насекаде во светот, а најмногу во самите Соединети Американски Држави и да се гаи надеж дека сето ова експресно ќе помине како лош сон без некои поголеми последици.

Второто толкување на вистинската страна на историјата е навреме да се застане рамо до рамо со популизмот на десницата, кој во моментов на крилјата на акумулираните постковид, посткризно и средвоено незадоволство достигнува вистинска експлозија на популарноста. Ова идеолошко крило може да се нарече и друштво за „реал политика“ кое смета дека со одлучни и со брзи резови (колку и тие да чинат) може да се постигне многу подобар резултат од лажниот идеализам на либералите. Но, токму тука се упаѓа во нова идеалистички замка бидејќи т.н. трајни решенија на проблемите се најголема фикција во целокупната историја. Како и да е, на десницата која е во подем и за која сè уште не можеме со сигурност да тврдиме што ќе постигне, а што не, не смее да ѝ се одземе правото да верува дека токму тие се на правата страна колку-годе тоа одбивно да им изгледа на самопрогласените демократски сили.

Во ваква екстра комплицирана геополитичка констелација, навистина најтешко им е на малите држави како нашата и на нивното политичко раководство да одлучат и да ги сносат последиците на таа одлука во делот на тоа на чија страна ќе застанат. Македонија за прв пат изгледа се обидува да не чека последна како што тоа беше во 1941 и во 1991 година, туку напротив − да биде во првите десетина држави во светот кои ќе го прифатат новото нормално живеење. Повторно термин кој ни се наметна во ковидот и кој се покажа како неточен на долг рок. Но, точно е тоа дека секојдневно како домино паѓаат владите во Европа и во светот и на нивно место доаѓаат лидери и гарнитури кои се спремни да се втурнат во виорот кој ни претстои и така да им помогнат на своите народи и на своите држави. Навистина рано е да се суди дали биле во право тие во 1941 и во 1991 година кои, сепак, ваква таква создадоа држава или овие денес кои, исто така со право, гледаат реална опасност за истата таа држава ако нешто драстично не се промени и се обидуваат токму тоа да го променат најдобро што знаат.

Но, дали технички постои и некогаш постоел исправен пат? Југословенските народи кои секаде беа признати како херои на Втората светска војна дадоа еден милион и седумстотини илјади жртви за да се ослободат од Германија, а Холандија и Белгија истото тоа го постигнаа веројатно со една десетина од ова и тоа во графата колатерална жртви. Зошто? Бидејќи не испратија луѓе во борба воопшто. И денеска постојат и Холандија и Белгија, а Југославија ја нема. Во 1991 година, Украина доброволно се согласи да ѝ го предаде нуклеарното оружје на Русија во замена за независност, а денеска Москва им пречи со истото тоа нуклеарно оружје како клучен адут. Овие примери се само капка во морето безбројни ситуации слични на нив.

Главно пред да се носат големите одлуки треба секогаш едно да се има предвид. Вистинска страна на историјата дефинитивно не постои. На крај неа секогаш си ја присвојуваат само победниците и тие малите околу нив кои имале среќа да бидат токму на таа страна на историјата.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано