Kако што секое богослужение во Светата Православна Црква завршува со пофална химна кон Пречистата Дева Марија, така и оваа Света и Велика Четириесетница, доаѓајќи кон својот крај, доби благословена круна – благодатна посета од Пресвета Богородица, преку нејзиниот познат чудотворен образ „Гликофилуса“ од Света Гора Атонска.
Имено, денеска во нашата Свештена Бигорска Обител пристигна верна изобразба на чудотворната икона на Пресвета Богородица Гликофилуса (Слаткољубива, или Умиление), којашто се чува во светогорскиот Манастир Филотеј. Иконата од Солун ја донесе лично нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, и таа беше пречекана со срдечна радост, со тропари и воспеви посветени на Царицата Небесна. Нашиот возљубен Старец, заедно со монашкото братство и притекнатите верници, со неизмерна радост и благоговение ѝ приредија свечен пречек на оваа свештена икона, чијашто тивка мајчинска милост и сладост го исполнуваше воздухот во Бигорски и се чувствуваше длабоко во душите на сите.
Иконата, идентична реплика на првообразната Гликофилуса од Света Гора, е дело на реномираната црковна работилница на г. Јоргос Триандопулос од Солун, насликана од зографот Антониј Карапетјан и рачно украсена со сребрен оков, позлата и полудраги камења. Дарител на оваа прекрасна икона е едно благочестиво христољубиво семејство, чиишто членови сакаа да останат анонимни. Овие благословени души, знаејќи ја огромната синовска љубов што нашиот Старец ја негува кон Мајката Царица, посакаа да му ја подарат оваа драгоцена светиња, за нивно духовно здравје и вечен спомен, како и за благодатна поткрепа на нашето монашко братство. Нека дародавецот и сезналец Бог ги запише нивните имиња во Книгата на живите!
По свечениот пречек на иконата, Старецот се обрати со кратко обраќање, исполнето со љубов и благодарност кон Пренепорочната Дева:
„Возљубени мои во Христа, смирени поклоници на Највозљубената,
Оваа благодатна посета на Пречистата Владичица наша за којашто сме сведоци сега, на крајот од Великата Четириесетница, е утеха и потврда дека Царицата на ангелите не нè остава. Таа, како најнежна Мајка, доаѓа да го допре срцето наше, да го омекне со сладоста на своето родителско милување, да ја влее во нас тивката сила на надежта. Таа е Гликофилуса, Слаткољубива, Умиление – Онаа Која со мајчинска грижа го љуби човештвото. Онаа Која го доближува недостижното, ја прави Божјата љубов допирлива, срцевидлива, опиплива, вкуслива. Прегрнувајќи ја денес нејзината света икона, ние се сместуваме во нејзините прегратки, оти Таа е Која ги зема нашите солзи, нашите радости, нашите таги и воздишки и ги принесува пред лицето на Синот свој и Бог. И потоа, за возврат ни ги носи Неговите прошка и милост.
Нека нејзините молитви нè подготват за добар и богоугоден вход во најсветата Страсна Седмица, за достојно да застанеме пред Крстот Христов, да се сораспнеме со Господа и да ја дочекаме со радост славната Пасха Господова – Воскресението Христово“.
Амин.
