Именувани нови селектори на младите репрезентации: Капинковски, Начевски, Станковски и Исени

На предлог на спортскиот директор на националните репрезентации, Горан Пандев и техничкиот директор на ФФМ, Ѓорги Христов, Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија денеска ги прифати предлозите за нови селектори на младинските национални репрезентации.

Димитар Капинковски е назначен за селектор на македонската репрезентација до 18 години (генерација 2008.). Капинковски е поранешен репрезентативец на Македонија и тренер на битолски Пелистер, Победа Прилеп и Самтредиа од Грузија. Капинковски до 2019 години беше главен тренер во Националната фудбалска академија во Битола. Ѓорѓи Стојчев, тренерот кој со Брера Академија Пандев (генерација 2008.) ја освои двојната титула, шампион и победник во Купот на Македонија, ќе биде асистент во стручниот штаб на Капинковски.

Драган Начевски е назначен за селектор на македонската репрезентација до 17 години (генерација 2009). Поранешениот репрезентативец на Македонија е дел од тренерскиот кадар во Академијата на ФФМ, а работеше и како асистент во репрезентацијата на Македонија до 21 година. Драган Начевски минатата натпреварувачка сезона ја предводеше генерацијата 2009 на десет контролни / пријателски натпревари, а сега добива шанса да ја предводи талентираната генерација и во квалификациски циклус кој започнува оваа година.

Горан Станковски е назначен за селектор на македонската репрезентација до 15 години (генерација 2011.). Станковски е поранешен фудбалер од шампионската генерација на Слога Југомагнат, а како интернационалец настапуваше во Русија, Турција, Белгија и Германија. Тренерската кариера на Горан Станковски најмногу е поврзана за ФК Работнички каде бележеше одлични резултати со младите категории, а беше предводник и спортски директор на првиот тим. Горан Станковски е поранешен селектор на Македонија до 17 години и 19 години. 2018 година беше избран за најдобар тренер во младински фудбал.

Илјами Исени е назначен за селектор на македонската репрезентација до 16 години (генерација 2010.). Исени, ланската натпреварувачка сезона ја предводеше генерацијата 2010. на шест контролни / пријателски натпревари.

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија го назначи и Борче Христов за директор на Центарот за едукација на ФФМ, на местото на досегашниот директор Небојша Марковски.

Борче Христов е носител на тренерска ПРО лиценца и во тренерската кариера ги предводеше Македонија Ѓорче Петров, Цементарница, велешки Борец. Христов е еден од заслужните за големиот напредок на младинскиот фудбал во Азербејџан, како генерален менаџер на Карабах. Во Азербејџан, работеше и како асистент тренер во Баку.

Се вчитува...