Press "Enter" to skip to content

Пелистер поразен од МЗТ во полуфиналето од Купот на Македонија

Пелистер не успеа да стигне до место во големото финале од Купот на Македонија откако нашиот вечерва во првата полуфинална пресметка беше поразен од МЗТ Скопје со убедливи 86:103. Слабата одбрана беше главна причина за убедливиот пораз на тимот од Битол во кој уште по првото полувреме имавме 20 поени негатива (40:60), период во кој целосно беше решен победникот во ова полуфинале.

Пелистер одлично го отвори натпреварот, со шест поени во низа на Лука Стојановски поведувајќи со 6-0. МЗТ за момент се разбуди, „пелистерци“ ја одржуваа позитивата до 11-6, а потоа следеше огромен пад во играта на „бело-зелените“, период во кој МЗТ направи целосен пресврт. Тренерот Трајковиќ зеде и тајм-аут, но низата на аеродромци продолжи и со 15 поени во серија противникот поведе со 11-21. Серијата без поени ја прекина Гамбрел со лесна реализација од контранапад, но МЗТ го контролираше резултатот и првата четвртина заврши со резултат 16-25.

„Пелистерци“ немаа одговор за нападот на МЗТ Скопје, па аеродромци по првите 15минути од полуфиналето имаа постигнато дури 44 поени (29-44), a во 17. Минута Пелистер се најде и на „минус 20“ (32-52). Проблемите во одбраната останаа до крајот на полувремето, противникот погоди дури девет тројки за 20 минути и резултатот на две комплетни четвртини гласеше 40-60.
Третиот период мина во контрола над играта и резултатот од страна на противничката екипа, МЗТ имаше и најубедливи 29 поени предност (51-80), но Пелистер подобро ја заврши четвртината и со тројката на Стајиќ со звукот на сирената намали на 60-82.
Лука Стојановски погоди три тројки во низа и ја намали негативата на 15 поени (71-86), разликата беше спуштена максимум до 14 поени, по што МЗТ рутински го приведе мечот до крајот и конечните 88-103.

Лука Стојановски погоди пет тројки и имаше вкупно 20 поени, Мишковиќ го заврши мечот со 17 поени, а двоцифрен ефект имаа уште и Антоан со 14 и Бојиќ со 11 поени.