
„Ова е голема победа за Русија“, вели надворешно-политичкиот коментатор Жарко Пуховски за актуелните преговори за ставање крај на војната во Украина. Тој единствената позитивна работа за Украина во севкупната ситуација ја гледа во тоа што ќе престане крвопролевањето и ќе се спречи понатамошна смрт на војници и цивили.
Јавноста во светот, заслепена од хулиганскиот пристап на Трамп, наседна на претставата за преговорите. Тука всушност се работи за капитулација на Украина и реализација на најголемиот дел од барањата што Москва ги постави на почетокот. Наивно е да се мисли дека ова е нешто друго, вели Пуховски.
Според него, клучно е за идниот договор да не се говори како за примирје или мировни преговори, туку исклучиво за прекин на огнот. Но, тоа ќе биде мала утеха за Украинците, кои според Пуховски можат само да чекаат драстична промена на власта во Русија.
Најважната точка во договорот, кој според него ќе почне наскоро, штом Владимир Путин ќе ја врати контролата врз Курск, ќе биде составот на силите што ќе го контролираат прекинот на огнот.
Мислам дека Путин никогаш нема да се согласи европски сили да дојдат во мировна мисија. Ако не го стори тоа, преостанува опцијата да дојдат војски од Азија и од Африка, а тие се оружено и технички лошо опремени, што значи дека логистиката треба да дојде од членките на НАТО. Тоа би можело да биде точката на која Путин можеби ќе мора да попушти и да прифати компромис. Во обзир е и австриската војска или непостоечките сили на другите неутрални земји од Европа. Тоа е прашањето што треба да се реши, но тука Путин би бил принуден да попушти, смета Пуховски.
Прашање е дали Путин како услов ќе го постави и заминувањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Со оглед на сегашните информации од теренот, до прекин на огнот би можело да дојде во следните недели. А, со освоени 20% од руските територии, рускиот претседател може да се прикаже како победник и мирно да се посвети на решавање на наталожените проблеми дома. Понатамошните чекори за Путин се логични. Откако ќе обезбеди примирје, во договор со Трамп ќе оди на враќање во светските организации како групата Г7 и на обнова на трговската соработка со САД за да го крене стандардот во земјата.
Мислам дека тоа со САД ќе оди релативно брзо, но и дека во Европа со време ќе се врати на вообичаената работа, вели Пуховски.
Од друга страна, сè што ѝ преостанува на Украина е да „дојде при себе“, да се обиде да ја среди земјата и да чека драстична промена на власта во Русија. За тоа ќе треба време, но сигурно ќе дојде до тоа, смета Пуховски и вели дека процесот би можел да се забрза во моментот кога Русија ќе се освести од бројот на жртвите, бидејќи, иако Русија е голема, тоа се стотици илјади загинати.
Обидите од Европа да се поттикне продолжување на војната за Украина се еднакви на самоубиство преку посредник. Украинците во овој момент немаат никаква шанса, порачува Пуховски.
Според него, Русија не претставува опасност за Европа во воена смисла, иако многумина го тврдат тоа.
Јасно е дека Русија не може да ја победи ни самата Украина. А оваа хистерија со 800 милијарди евра за европско вооружување веројатно доаѓа како притисок од воено-индустрискиот комплекс, а не како реална потреба за одбрана. Европа мора да разбере дека опасноста за Европската Унија во овој момент не доаѓа од Москва, туку од Вашингтон.
Во блиска иднина, според него, Европа ќе мора да се занимава со расправата за западните вредности, кои до неодамна постојано ги исфрлаше во преде план, а сега е јасно дека се во хаос.
Како е можен случај како Романија, во која е блокиран претседателски кандидат со голема поддршка од граѓаните? Каква е тоа десница, или левица, која е неприфатлива? Во годините пред нас многу ќе се разговара за тоа што се прифатливи интервенции во демократијата, вели Пуховски.